Корона вирусот го стави Оливер Спасовски во првата борбена линија

Големата криза со ширењето на Ковид-19,  која за првпат доведе до прогласување вонредна состојба, ги наруши сите планови околу развојот на политичката ситуација. Сега е извесно дека Спасовски и неговиот кабинет ќе ја дочекаат најмалку есента на „Илинденска“

 

Кога на почетокот на јануари Оливер Спасовски ја презеде функцијата технички премиер и се пресели од МВР на „Илинденска“ сите планови беа тој да остане на чело на владата некаде до почетокот на јуни, кога би бил избран нов владин кабинет. Од овој понеделник премиерската функција на Спасовски ќе беше техничка во вистинска смисла на зборот, а главната улога на политичката сцена ќе им припаднеше повторно на партиските лидери, со оглед на тоа што 23 март беше определен како датум за старт на кампањата.

Со оглед на тоа што месеците од мандатот на техничката влада се бројат на прсти, Спасовски не се ни всели во премиерската резиденција на Водно, кога неговиот партиски лидер Зоран Заев се исели и оттаму и од „Илинденска“. Но големата криза со ширењето на коронавирусот и во земјава, која за првпат доведе до прогласување вонредна состојба, ги наруши сите планови во однос на развојот на политичката ситуација.

Сега е извесно дека Спасовски и неговата техничка влада ќе ја дочекаат најмалку есента во владината зграда, а од тоа како ќе се носат и справуваат со ситуацијата, во голема мерка зависи и кога ќе се одржат десеттите парламентарни избори. Односно, дали тие ќе бидат вонредни или ќе навлезат во редовниот термин. Тоа, според проценките, значително ќе влијае и на расположението на гласачите кон политичките субјекти – во моментот кога ќе се создадат услови конечно да се измерат силите во изборниот ринг.

Во периодот што следи, наместо во прв план да бидат Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети… и партиските кандидати за пратеници, очекувано е дека во центарот на вниманието, како и во изминатите неколку седмици, ќе бидат Спасовски и дел од членовите на неговиот кабинет, како министерот за здравство Венко Филипче или опозицискиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. При прогласувањето на вонредната состојба, претседателот Стево Пендаровски изјави дека останува техничката влада, со учество на опозицијата, оценувајќи дека е тоа можност да се покаже заедничка одговорност и политичко единство за справување со ситуацијата со коронавирусот. Претходно, Заев изјави дека СДСМ не претендира, со прогласување вонредна состојба, да ја преземе целата контрола над извршната власт во земјава.

Во последните денови, впечаток е дека се спласнати анимозитетите меѓу различните политички струи во техничката влада, на која ѝ припадна задачата да ја решава кризата со коронавирусот и сите последици што се очекува да произлезат од неа, вклучително со нарушувањето на економската и социјалната стабилност на земјата. Со тоа е намален и маневарскиот простор на опозицијата за конфронтација со досега владејачкиот СДСМ. Или барем не добиваат голема гласност обвинувањата што ВМРО-ДПМНЕ и натаму ги пласира во јавноста, како тие дека завршил „медениот месец“ на Филипче или дека Заев сега ќе ги донесе законите што не успеал да ги донесе до распуштањето на парламентот…

Од друга страна, вонредната состојба значи отворање поширок маневарски простор за Владата, наспроти законодавната власт. Тоа значи и уште поголема одговорност за извршната власт, со оглед на мошне специфичната ситуација во која се најде државата и од политички аспект, затоа што парламентот е распуштен и јасно е дека тоа „распуштање“  ќе трае многу подолго од уставно предвидените 60 дена.

Прашање е дали во периодот што следи ќе се најдат механизми пратениците да се состанат повторно или целосното менаџирање на вонредната ситуација ќе ѝ биде препуштено на извршната власт. Во секој случај, иако Пендаровски, по предлог на владата на Спасовски, ја прогласи вонредната состојба, Уставот предвидува дека Собранието треба да ја потврди таа одлука тогаш кога ќе може да се состане.

Со самото тоа што периодот од 30 дена е најдолгиот уставно предвиден рок за траење вонредна состојба, што не исклучува нејзино продолжување со нови одлуки за тоа, извесно е дека најдоцна до средината на април треба да се најде начин како да се свика распуштениот парламент, и покрај тврдиот став на спикерот Талат Џафери дека тоа е невозможно. Во спротивно, целиот товар на решавање на кризата ќе треба и натаму да го носи кабинетот на Спасовски, кој нема да може до бесконечност да носи уредби со законска сила.

Слично како што претходниот технички премиер Емил Димитриев, чиј прв владин состав беше избран во јануари 2016 година, остана на функцијата многу подолго од законски предвидените сто дена до избори и потоа до избор на новата влада, така сега и на Спасовски неочекувано му припадна задачата, заедно со другите членови на техничката влада, да ги санираат на ниво на нашата држава последиците од  пандемијата со корона вирусот како глобален проблем. Димитриев беше премиер дури до јуни 2017 година, со таа разлика што кризата со која во тоа време се соочуваше земјата, иако беше мошне сложена и од големи размери, сепак, беше од политичка природа.

Освен тоа, владата на Димитриев помина низ неколку трансформации – од техничка во политичка и обратно, за разлика од сега кога со ситуацијата со корона вирусот остана да се справува владата која првично беше избрана само со мандат да ги спроведе годинашниве парламентарни избори. И за разлика од Димитриев, кој за сето време како премиер остана во сенката на Никола Груевски, сега Спасовски и дел од членовите на техничката влада немаат друг избор освен постојано да бидат присутни на „првата борбена линија“ – во ситуација  кога јавноста овие денови речиси воопшто не е заинтересирана за политика. Целиот фокус сега е насочен кон развојот на ситуацијата со корона вирусот, така што речиси незабележано поминуваат и настани кои до скоро беа од круцијално значење за државата, како официјализирањето на членството во НАТО и новите шанси за почеток на преговори со ЕУ.   (Н.В.)