Корона вирусот до сега зарази 150 милиони луѓе, во некои земји први знаци на враќање на старо


Додека Европа и САД сакаат пандемијата да ја остават зад себе до летово, Индија и Бразил во моментов ги преживуваат најтешките моменти

 

Од регистрирањето на првиот случај на инфекција со новиот корона вирус, досега во светот се заразени над 150 милиони луѓе. Бразил и Индија во моментов се најпогодени земји од пандемијата. Сепак, пристигнуваат и позитивни вести. Сто милиони луѓе се целосно вакцинирани против Ковид-19 во САД, соопштија тамошните власти во петокот.
„Тоа значи дека 100 милиони Американци чувствуваат олеснување и мир“, рече на прес-конференција Џеф Зиентс, координатор за борба против КОВИД-19 во Белата куќа.

Станува збор за околу четириесет отсто од возрасната популација во САД и двојно повеќе целосно вакцинирани во споредба со крајот на март, посочи тој. Кампањите за вакцинација се забрзуваат и во Европа, а неколку земји од Стариот континент, како што се Франција и Португалија, ги ублажуваат ограничувањата, со надеж дека ќе ги обноват своите тешко погодени економии што е можно поскоро.

Од вкупно 150 милиони луѓе заразени од почетокот на пандемијата, речиси 6 милиони се заразени за само една недела, а тоа зголемување се должи пред се на Индија каде во последните седум дена имало 2,5 милиони новоинфицирани.

Епидемијата моментално доведува до околу 821.000 инфекции на ден, бројка што е повеќе од двојно поголема од средината на февруари кога имаше околу 350 000 новозаразени дневно. Додека во пренатрупаните болници недостасуваат кревети, лекови и кислород, Индија во петокот постави нов светски рекорд, нови 385.000 инфекции во последните 24 часа и околу 3.500 смртни случаи.

Меѓународна помош за Индија

Најавената меѓународна помош почнува да пристигнува во земјата со 1,3 милијарди жители. Повеќе од четириесет земји ветија дека ќе испратат медицинска помош. Индиската влада во сабота започнува кампања за вакцинација за сите возрасни или околу 600 милиони луѓе, но некои држави немаат доволно залихи за вакцини.

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот донесе одлука со која од вторник забранува влез во САД од Индија. Соочена со нова локална варијанта, позаразна и поопасна, прагот на четиристотини илјади смртни случаи од корона вирус беше надминат во четвртокот во Бразил, каде вакцинацијата сè уште не е масовна.

Португалија, од друга страна, одлучи да ја отвори границата со Шпанија во саботата, 48 часа порано од планираното, како четврта и последна фаза од укинување на мерките. Ќе бидат дозволени сите спортски активности на отворено и затворено. Викендов ќе се организира тест концерт со четиристотини гледачи на северот на Португалија во Брага.

Први знаци на враќање на старото

Во Франција, претседателот Емануел Макрон во четвртокот соопшти укинување на мерките „во четири фази“, од 3 мај до крајот на јуни. Благодарение на новите дози на вакцината, кампањите за вакцинација се забрзуваат во Европа: Германија во средата објави дека вакцинирала 1,1 милиони луѓе за еден ден, што е најголема бројка во која било од европските земји за 24 часа.

Италија достигна половина милион дози за еден ден во четвртокот, а во Велика Британија кампањата за вакцинација напредуваше многу. Во САД, Њујорк треба да се отвори целосно на 1 јули. Дизниленд во Калифорнија од петокот повторно прима посетители.

Првите авиони со туристи започнаа да пристигнуваат во Тунис оваа недела, иако состојбата во таа земја се влошува, па туристите би можеле да завршат во карантин во хотели. Турција исто така се соочува со влошена состојба и целосно затворање што стапи на сила во петокот.