Контроверзна идеја: Во ЕУ да важат само сертификати за одобрените три вакцини!


Потребата за наредок во издавањето на сертификати за вакцинација против Ковид-19 ја нагласува Европската народна партија (ЕПП) во писмото упатено до претседателот на Советот на Европа Шарл Мишел, во кое ги изнесува очекувањата од претстоечкиот самит.

Во писмото, меѓу другите, потпишан е и шефот на пратеничкиот клуб на ЕПП Манфред Вебер, а во него се бара издавањето потврди за вакцинација да се забрза за да се забрза и враќањето на нормалниот живот на континентот.

Во истото ова писмо, стои дека пред сè потребно е да се осигура безбедноста на граѓаните во Европа, со тоа што сертификатите за вакцинација треба да се издаваат само за луѓето вакцинирани со оние вакцини кои ги одобрила Европската агенција за лекови (ЕМА).

Проблемот, ако се усвои оваа иницијатива, е во тоа што ЕМА има одобрено само три вакцини како сигурни за имунизација против корона вирусот и тоа на компаниите „Фајзер/Бионтек“, „Оксфорд/АстраЗенека“ и „Модерна“. Ако при тоа се земе во предвид дека повеќето земји не ги користат овие вакцини за имунизација на своите граѓани, првенствено оние кои не се членки на ЕУ, се поставува прашањето што ќе се случува со нив.

Доколку овој предлог се усвои, земјите кои своето население ги имунизираат со руската вакцина „спутник V“, која во моментот е набарана стока на светскиот пазар, може да останат без сертификат за вакцинирање (барем онај кој би бил валиден на територијата на ЕУ). Понатаму, побарувачката за вакцината „спутник V“, кинеската „синовак“ и многу други кои се веќе развиени или се во завршна фаза на развој, може драстично да опадне што би створило дополнителен притисок на компаниите како „Фајзер“ или „АстраЗенека“ кои веќе ги пробија роковите за достава на своите вакцини.

Исто така, би се направил проблем и со КОВАКС механизмот, кој едноставно ни приближно не би можел да ги исполни сите потреби за вакцинација, со оглед на тоа дека богатите земји веројатно би ги купиле сите залихи на „одобрените„ вакцини. Проблем секако би настанал и кога се во прашање патувањата, а најмногу во тоа сценарио би настрадал туристичкиот сектор.

Што е заднината на ваквото барање на претседавачот со најголемиот клуб на пратеници во ЕП сè уште не е познато, но Вебер е познат по острите критики до државите членки на ЕУ поради преголемото двоумење и неодлучност кога во прашање се мерките, но првенствено кон оние кои не се во ЕУ. Вебер неколкупати рече дека ЕУ направила пропусти по прашањето на заштита на заедничките граници на ЕУ затоа што не постојат единствени правила за воздушните врски со Јужна Америка, за мутираните видови да се држат подалеку од Европа. Истовремено, многу го критикуваше и затворањето на внатрешните европски граници.

Сè уште не е познато дали и кога оваа одлука ќе стапи на сила, но многу е контроверзна, а дополнителна димензија ѝ дава и фактот дека оваа идеја ја поддржува и австрискиот канцелар Себастијан Курц.