Конфликтот на водечките производители ги задржа цените на нафтата близу 77 долари
Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари останаа на чекор до 77 американски долари, поради конфликтот меѓу водечките производители околу планираното зголемување на понудата за да се задоволи растечката побарувачка во постпандемискиот период.
На лондонскиот пазар, цената на барелот после пладне падна за 25 центи во споредба со претходното затворање, на 76,91 долари, откако за кратко достигна 77,84 долари, што не е забележано од октомври 2018 година.
На американскиот пазар, барел чинеше 75 центи повеќе, и за кратко достигна 76,91 долари, што е највисоко ниво од ноември 2014 година
Министрите на групата ОПЕК +, која ги обединува производителите од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и независните производители предводени од Русија, вчера ги прекинаа разговорите за зголемување на производството, бидејќи не успеаја да ги усогласат спротивставените ставови.
Обединетите Арапски Емирати го прифатија зголемувањето на производството, но го отфрлија предлогот за продолжување на договорот за ограничување на снабдувањето за осум месеци, до крајот на следната година.
Некои извори во ОПЕК + изјавија дека сè уште веруваат дека групата ќе ги продолжи разговорите овој месец и ќе се согласи да го зголеми производството во август. Сепак, некои проценуваат дека сегашните ограничувања може да останат во сила.
Датумот на новите разговори не е објавен.