Комора за туризам: Со ваучер патниците да го сменат датумот на аранжманот во рок од една година

На патниците да им се овозможи во рок од една година со ваучер да го заменат датумот на аранжманот што веќе го закажале, а не можат да го реализираат поради коронавирусот. Да се воведе и ваучер за аранжмани со авионски превоз од кои авионскиот превоз би се изземал и би се субвенционирал од државата.

Ова се предлозите на Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) за надминување на актуелната сотојба што го погоди секторот. Комората, како што соопшти, очекува поддршка од институциите, но и таа ќе даде поддршка и препораки до сите деловните субјекти и корисници на услуги со цел изнаоѓање решение од заемен интерес.

-Преземени ќе бидат сите дејства за заштита на патниците и уплатените средства за услуги и аранжмани кои се реализираат во наредниот период. Во ситуација на вонредна состојба и неможност да се реализираат аранжманите и услугите, препорачуваме до завршување на периодот на вонредната состојба и одлуките на владата во услови на криза, корисниците на услуги да се воздржат од откажување на договорите за патување и услуги кои треба да се реализираат во наредниот период, како и барања за исплата побарувања по основ на откажување. Сите побарувања ќе бидат процесуирани по завршувањето на периодот на вонредната состојба, наведува СКТМ.

Поради фактот што работењето на субјектите во туризмот опфаќа услуги и патување на туристи во земјата и во странство, а при тоа во реализацијата на услугите се вклучени повеќе даватели на услуги од различни земји каде мерките кои ги преземаат владите и надлежните институции се разликуваат и не се идентични од една до друга земја, состојбата, според СКТМ, дополнително се усложнува со реализацијата на услугите и статусот на постоечките договори за патување и услуги кои патниците ги имаат склучено со туристичките агенции, хотелиери, превозници и другите даватели на услуги.