Колоритни први дами: Елеганцијата на Елизабета Ѓоргиевска и Агата Корнхаузер-Дуда
Со врвен стил, претседателот Стево Пендаровски и првата дама Елизабета Ѓоргиевска ги пречекаа претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда (и неговата сопруга), кои се во официјална посета на Македонија. Според официјалниот протокол, двојката од Варшава, беше пречекана со највисоки државни и воени почести , а на црвениот килим медиумите се фокусираа и на елегантниот и впечатлив стил на двете први дами. Бринетата Елизабета во волнен капут, со горен дел како болеро во омилената фуксија боја, и русокосата Агата Корнхаузер-Дуда со костум стегнат со ремен на појасот и панталони во темно зелена-црна боја.
Претседателот Пендаровски прв пат го гледаме со вратоврска со фуксија боја како капутот на првата дама, а полскиот претседател избра темно сина вратоврска како неговиот костум.
Нашата вита и харизматична прва дама, и во оваа прилика го покажа својот истенчен вкус за мода, со минималистички стил, прочистен од сите модни додавки, и според сите дрес-код норми почитувани во светот. Македонска варијанта на префинетиот француски стил на Карла Бруни-Саркози, според критичарите – најпрва дама со стил во светот.
Македонскиот претседател и првата дама, лани, во февруари беа во официјална посета на Полска. Додека претседателот Пендаровски имаше густа агенда и средби со највисокиот државен врв, проф.д-р Елизабета Ѓоргиевска, придружувана од првата дама на Полска беше во хумана мисија. (Л.С.)