Колку може Бугарија да ја сопре Македонија на патот кон ЕУ?

Наместо да се расправаме чиј е Гоце Делчев, зарем не е подобро да се изгради заеднички автопат што ќе го носи името на овој наш херој? – прашува весникот „Труд“ во тескстот објавен за македонско- бугарскиот спор.-Соседна Македонија од неодамна е членка на НАТО, а еден ден земјата ќе и се приклучи и на ЕУ, со што целосно ќе се промени регионалната слика и ќе се отвори нов хоризонт за приближување меѓу Софија и Скопје.

Но, ние сме на добар пат да го уништиме тоа и уште еднаш да ја пропуштиме нашата шанса да им се приближиме на луѓето од Повардарието. Можеме слободно да кажеме дека од потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Софија и Скопје во 2017 година, пропуштивме многу шанси за зближување. А и Бугарија можеше по примерот на Грција да влезе во Северна Македонија со обемен економски план. Можевме да и го чуваме воздушниот простор, а не тоа да го прави грчкото Воено воздухопловство. Па кој победи? Треба ли Бугарија да ја сопнува соседна Македонија на патот кон ЕУ? Се разбира, не. Но, некој има интерес да се случи тоа. Во последно време кога во бугарските медиуми се зборува за Македонија се говори за „албанската закана“.

Сепак, кога аналитичарите, но и политичарите зборуваат за таков ризик, пропуштаат да посочат дека локалните Албанци направија се што беше можно за земјата да влезе во НАТО, а нивната највлијателна партија, ДУИ на Али Ахмети, како јасен услов за време на преговорите за формирање на новата влада го постави почитувањето на договорите со Бугарија и Грција. Така, всушност, тие го направија изборот за тоа на која од двете партии – СДСМ на Заев или ДПМНЕ на Христијан Мицкоски, ќе им ја дадат својата поддршка. Резултатот е јасен. Толку од албанската закана во Македонија и ризикот од нови конфликти во регионот…

Во 2015 година, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за време на одговарање на пратенички прашања во Думата рече дека „се изнесуваат идеи за поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија“. Руската политика покажа дека може да создаде тензии, бидејќи по истата логика можеше да каже дека и Србија и Грција сакаат да ја поделат соседна Македонија, но тоа не го стори, бидејќи тие и се стари партнери на Балканот… Но, да се вратиме ние на нашите односи. Дали треба да ја користиме историјата како проблематичен аргумент?

Нема сомнеж дека историјата треба да се чита врз основа на оригиналните документи. И наместо да работиме на имплементација на главните елементи од Договорот за пријателство и добрососедство и да ги пополниме со содржини, да создадеме заеднички економски проекти, да отвориме уште најмалку три гранични премини и да го реализираме Коридорот 8, ние стоиме во минатото. Сега имаме шанса да ја промениме економската карта на регионот, поврзувајќи го Јадранското со Црното Море и зајакнувајќи ги неговите предности. Така економиите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија ќе можат да ја променат 100-годишната парадигма север-југ што ги поврзува Србија и Грција. И наместо да го направиме тоа, ние западнавме во стапицата на бесконечни меѓусебни спорови.

Дали властите во Софија водат сметка за регионалната слика околу нас? Србија тешко го прифаќа фактот дека Северна Македонија веќе е во НАТО и дека Белград на Скопје гледа како конкуренција на патот кон ЕУ. Не е исклучено Македонија да ја стигне Србија, па дури и да ја престигне, додека таа се обидува да го реши своето косовско прашање.

Дел од таа слика беа и разговорите во Белата куќа, каде со посредство на претседателот Трамп беше потпишан економски договор меѓу Србија и Косово. Идните инвестиции ќе достигнат 10 до 15 милијарди долари, кои ќе бидат инвестирани во изградба на автопатот Ниш-Приштина и во пруга меѓу Србија и Косово. Тоа на српските бизниси ќе им даде директна можност да стигнат до Јадранот, преку албанското пристаниште Драч. Во време кога Балканот им врти грб на конфликтите и се повеќе ги поврзува своите економии, Бугарија и Македонија се оддалечуваат. Парадоксално, нели?

Наместо да спориме чиј е Гоце Делчев, зарем не е подобро Бугарија и Македонија да изградат автопат што ќе ги поврзува и кој ќе го носи името на овој наш херој. Пред неколку месеци, советникот на претседателот на Северна Македонија, професорот Денко Малевски изјави нешто што во Скопје никој дотогаш не го кажал јавно, „дека до 1945 година бевме еден народ“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара да му се одземе професорската титула и претседателот Пендаровски да го смени од советник.

Дали се тие пријателите на Бугарија во нашиот југозападен сосед или пак оние кои ни нудат можност да ги решиме проблемите? Наместо да ја заплашуваме Македонија со вето, зошто, на пример, тоа да не и го направиме на Србија? А постојат причини за тоа, како за бугарското малцинство, така и поради одбивањето на Белград веќе шест години да го екстрадира Цветан Василев во нашата земја.

Изгубивме премногу време во спорови, време е за конкретни чекори, затоа што сме на прагот да го загубиме капиталот стекнат од бугарското претседавање со ЕУ, во чиј центар ја сместивме Северна Македонија и нејзиното враќање на европската патека по 10-те години екстремно националистичко владеење на Никола Груевски, пишува во „Труд“ долгогодишниот новинар Николај Крстев, поранешен дописник на Бугарското национално радио од Скопје, Белград и Москва.