Министерството за правда ја комплетира документацијата за Груевски
По вчерашното давање задачи од страна на бегалецот Никола Груевски до министерот за правда Игор Филков, Министерството за правда денеска кусо одговори дека ја комплетира документацијата за неговата екстрадиција согласно законската процедура.
СДСМ денеска го прозва Филков велејќи дека тој како претставник на ЗНАМ, сателит на ВМРО, е „поставен токму на тоа место да не биде ВМРО тој кој ќе го ослободи или ќе го апси Груевски“.
„Министерството за правда постапува исклучиво согласно законите и меѓународните договори. Во однос на случајот со Никола Груевски, се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино соодветно процесирање во рамки на законската процедура.
Собирањето информации од надлежните судови има за цел да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување. Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив.
Нагласуваме дека сите постапки се водат низ институционален процес и во соработка со надлежните органи на Унгарија, без влијание на политички изјави или квалификации“, соопшти Министерството за правда.