Петер Маѓар ни во „најлуда фантазија не може да замисли зошто сум осуден“, сугерира Груевски

Мицкоски му даваше задачи на обвинителот Савески, сега Гуевски му пишува здолженија на министерот Филков. Тој бил жртва на „криминалецот Заев“, а нее криминалец како што го нарече победникот на унгарските избори Петер Маѓар


Никола Груевски снимен во 2024 во елитниот ресторан „Токио“ во Будимпешта, чиј сопственик е поврзан со високите структури на Фидес

 

Прво сегашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му делеше задачи на новиот јавен обвинител што и како да работи и за кои случаи да се зафати. Сега неговиот претходник во ВМРО-ДПМНЕ, азилантот во Будимпешта, Никола Груевски, му дава задачи на на македонскиот министер за правда со што да се занимава, наместо да собира документи за барање за негова екстрадиција.

Таквите барања веројатно се во пописот на работните задачи кои си ги поставуваат македонски политичари, но Груевски во вчерашното долго писание на Фејсбук од бегалство презема и чекор понатаму кога без да го именува по име следниот унгарски премиер Петер Маѓар вели дека тој не бил запознаен со неговиот случај кога го нарекол „криминалец“.

Набројувајќи што треба да прави министерот Игор Филков за неговите случаи и дека треба да тргне по „криминалецот Заев“ Груевски наведува дека е невин за сите случаи во кои е осуден и дека бил под политички прогон.

И му вели на Филков „да не се чуди кога странски министри, премиери или новинари ќе ме нарекуваат криминалец. Луѓето веројатно не можат дури ни во најлуда фантазија да замислат зошто и како сум осуден, заради што тие ме нарекуваат криминалец“.

Петер Маѓар на својата меѓународна прес-конференција на 13 април, ден по победата на изборите, го отвори патот за испорачување на Груевски во Македонија. За што изгледа Груевски е сериозно загрижен. Маѓар на прес-конференцијата ги спомена поранашениот полски министер за правда, Збигњев Зиобро, неговиот заменик Марчин Романовски, кои се обвинети за милионски криминали во Полска и кои побегмнаа од нивната земја и добија политички азил од владата на Виктор Орбан.

Зборувајќи за Зиобро и Романовски Маѓар направи директна паралела со случајот со Груевски.

„Мислам дека зборував многу јасно за ова претходно, дека предложив да не купуваат никаков мебел во Унгарија од ‘Икеа’, бидејќи нема да останат долго. Унгарија нема да биде засолниште за меѓународни криминалци. И тоа не важи само за нив, туку и за г-дин Никола Груевски, поранешниот македонски премиер, кој исто така е осуденик. Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, е меѓународен криминалец и не треба да биде во Унгарија“, изјави Маѓар.

Груевски се обидува да им даде долкување на овие зборови на Маѓар, а и подоцна на текстовите во унгарските медиуми, на фонот на „неинформираност“. Тој ја споменува „новата власт“ кој ане се потрудила да ги проучи неговите случаи и пресуди.

„Тие странски политичари, премиери, министри, новинари и слично, знаат дека има пресуди и само ја следеле реториката која со години ја имаше поранешната власт предводена од СДСМ и не се должни да проучуваат судски предмети, особено не кога ни новата власт, односно актуелниот министер, не се труди да проучи и да објасни во какви околности, со каква политичка хајка и со какви неправди и незаконитости тогашната власт се пресметуваше со нестомислениците, во месеците кога се подготвуваше смената на уставот заради смена на уставното име и се прифати со посебен договор од историската комисија со источниот сосед да зависи дали и кога Македонија ќе стане член на ЕУ“.

Полската влада веднаш по победата на партијата Тиса на Маѓар поднесе барање за екстрадиција на поранешните министри, додека македонскиот министер Игор Филков најави дека ќе ги собира сите документи од доситео на Груевски пред министерството да го преземе следниот чекор.

За  Никола Груевски досега е поднесено едно барање за екстрадиција на 20.11.2018 година, како и дополнување на барањето во јуни 2019 година.  Унгарија го одби барањето во август 2019 бидејќи Груевски го уживал статусот на политички азилант. Доколку биде вратен во земјата, Груевски мора да отслужи казна од 10 и пол години затвор во случаите „Плацеви на Водно“ и „Насилство во Центар“. Дополнително, во тек се судења против него во случаите „Титаник“ и „Талир 2“.