Да беше жив, Гоце Делчев би се срамел од Мицкоски, изјави Венко Филипче
Гоце Делчев денес се злоупотребува од ВМРО, партијата што се претставува за наследник на организацијата, а Гоце Делчев да беше жив би се срамел од Христијан Мицкоски.
Со вакви остри зборови претседателот на СДСМ го окарактеризира владеењето на ВМРО-ДПМНЕ денеска по положувањето цвеќе во црквата „Свети Спас“ по повод годишнината од загинувањето на Гоце Делчев.
„За жал, денес неговото име се злоупотребува од страна на ВМРО – организација која се претставува како негов ‘наследник’, а всушност е криминална група предводена од шефот на мафијата Христијан Мицкоски.
Гоце Делчев се бореше против неправда и туѓинска власт. Денешното ВМРО се бори за тендери, заштита на криминалци и за бугарски пасоши во џебовите.
Гоце Делчев се бореше за слободна и праведна Македонија. Денешното ВМРО ја претвори државата во плен, а граѓаните во заложници на својата корупција и власт.
Ако Гоце Делчев денес беше жив, би се срамел од оние што се повикуваат на неговото име додека уништуваат сè за што тој се бореше. Тој лично би се борел против Мицкоски, против оваа денешна криминална група ВМРО и сè она што тие го претставуваат“, рече Филипче во изјава за новинарите.