Кој ветува поголеми плати – СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Борис Грданоски

Економистите знаат дека „рецептот“ за одржливо зголемување на примањата е пораст на продуктивноста. Тоа го знаат и во партиите, но потешко им е на граѓаните да им ветуваат пот и солзи, отколку да наддаваат со бројки и проценти

 

Мирче Јовановски

Повисоките плати и на овие парламентарни избори е едно од клучните ветувања на партиите, пред се на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ кои веќе презентираа делови од економските програми. На моменти тие добиваат и призвук на наддавање – кој ќе ја зголеми повеќе просечната плата, колку ќе биде минималната, колку ќе добијат лекарите, наставниците, универзитетските професори… Па, каква е понудата и има ли суштинска разлика или е само игра на бројки, со ист или сличен резултат?

Кога станува збор за просечната плата, позициите на двете партии се следниве: СДСМ вети дека во наредните четири години таа ќе достигне 36.000 денари или околу 600 евра. Или за околу 160 евра повеќе од сегашната, односно за стотина евра повеќе од она што го вети за сегашниот мандат, кој за волја на вистината е прилично скратен.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, најави дека ќе се зголеми за минимум 25 отсто, односно како што рече лидерот Христијан Мицкоски на промовирањето на овој дел од економската програма, „во просек за 6.500 денари повеќе од просечната плата за декември 2019 година“.

Разликата во пристапот за просечната плата е очигледна – СДСМ излезе со конкретни бројки, додека ВМРО-ДПМНЕ со проценти. Но, каков е конечниот резултат?

Просечната нето-плата во декември изнесуваше 26.836 денари, што значи дека во случај ВМРО-ДПМНЕ да ја формира новата влада, за четири години таа би се зголемила за околу 6.709 денари и би достигнала  33.545 денари, што е за 2.455 денари помалку од она што го ветуваат социјалдемократите.

Можеби во ВМРО-ДПМНЕ увиделе дека ваквата „понуда“ е послаба од онаа на СДСМ, па во ТВ-дуелот на Телма со министерката за финансии Нина Ангеловска, професорот Трајко Славески, кој е и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, рече дека е бесмислено платите да се таргетираат во номинален износ во денари.

„Ние не се врзуваме за номинални износи, тоа е опасно. Зависи од каде ќе тргнете“, рече Славески, додавајќи дека „со статистиката може да играме“. Тој не прецизира која ќе биде основата за пораст на платите, што е секако важен податок за да се дојде до конечниот резултат. На пример, ако се земе како репер просечната плата за 2019 година, таа изнесува 25.213 денари, односно е пониска од декемвриската, во која влегоа и исплатените бонуси, К-15 итн. Ако се тргне од ланското искуство, може да се очекува дека и јануарската плата ќе биде пониска од декемвриската, што исто така ја става летвичката на пониско појдовно ниво, но и во двата случаи крајниот резултат  би бил уште понеповолен за ВМРО-ДПМНЕ.

„Пет проценти просечен годишен раст, колку и да е. Ние е не се врзуваме за номинален износ. Едно е да земете просек за еден месец, друго е да земете просек за цела година“, изјави Славески, додавајќи дека порастот може да биде и поголем доколку се создадат услови економијата да расте побрзо, но сето тоа да биде на здрави основи.

Од СДСМ, пак, не се сомневаат дека ќе можат да го реализираат ветениот пораст. И од таму се повикуваат на „здрави економски политики“ кои ќе ја носат економија нагоре. Од таму се повикуваат и на „минатиот труд“, односно на она што беше испорачано во изминатите две ипол години. Така, ако се спореди декемвриската плата со онаа исплатена во јули 2017 година кога сегашната влада го почна мандатот, излегува дека растот е околу 18 отсто или за 2.300 денари. Со очекуваниот економски раст во наредните четири години, од над три–четири проценти годишно, целта не е неостварлива, сметаат од владата.

За разлика од СДСМ, кој акцент става на минималната плата и ветувањето дека таа во наредните четири години ќе се зголеми на 18.000 денари, ВМРО-ДПМНЕ се многу попретпазливи. Според нив, и со досегашната политика за минимална плата направени се сериозни дисторзии во политиката на плати, како и дека не се почитуваат колективните договори. За опозицијата станува збор за „темпирана бомба“, која може да создаде огромни проблеми за наредната влада, бидејќи ако се применуваат коефициентите од колективните договори, тоа ќе значи дека платите на најголемиот дел од вработените во јавниот сектор ќе треба да се зголемат за 50 отсто.

Но, тоа не ја спречи опозицијата да излезе со великодушна понуда за вработените во образованието: до 100.000 денари за редовните универзитетски професори, до 80.000 денари за вонредните професори, до 60.000 денари за доцентите и до 45 илјади плата за асистентите на факултетите.

И, како што може да се види, во овој случај, не станува збор за проценти, туку за апсолутни износи, кои веројатно повеќе „палат“ кај гласачите.

„Ова значи 2,5 пати повеќе од тоа што денеска го обезбедува државата“, најави на прес-конференција Мицкоски, кој рече дека ќе се зголемат и платите на професорите во основното и во средното образование, што подразбира доследно почитување на Колективниот договор.

Од друга страна, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, презентирајќи ги економските мерки за наредните четири години  рече дека платите на вработените во образованието и здравството ќе пораснат за 20 отсто, а најави и дека продолжува субвенционирањето на придонесите за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари по вработен.

Токму платите во високото образование се пример како партиите, за свои интереси, може да манипулираат. Како што е познато, пред распуштање на парламентот требаше да се донесат измените на Законот за исплата на плати, но тоа не беше сторено поради тоа што собраниската Комисија за труд и социјална политика, чиј претседател е Владимир Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, не го стави на дневен ред владиниот предлог. Ова законско решение требаше да овозможи зголемување на платите за 10 отсто.

Според последното соопштение на Државниот завод за статистика, просечната плата во образованието во декември изнесуваше 25.591 денари, а за цела 2019 година 24.589 денари, во здравството 32.021, односно 32.022 денари. Оттука, лесно може да се пресмета колку би биле во просек платите во овие дејности на крајот на мандатот, доколку СДСМ ја добие довербата на граѓаните.

Инаку, повисоки плати од овој месец ќе добијат 18.300 вработени во здравството, како што се здравствените работници, лекари, медицински сестри и здравствени соработници, како и младите лекари специјализанти и помошно-техничкиот персонал. За наставниот кадар зголемувањето ќе достигне 20 отсто, за лекарите специјалисти предвидено е зголемување од 25 отсто, за општите лекари – 15 отсто, а за медицинските сестри – 10 отсто, здравствените соработници 5 отсто и исто толку проценти за помошно-техничкиот персонал. Договорот за анексите на двата колективни договори беше потпишан неколку дена пред почнување со работа на техничката влада.
Министерот Венко Филипче на почетокот на годинава не пропушти да нагласи дека ова зголемување е трето во последните две години, а четврто доколку се вклучи зголемувањето на процентите за дежурства. Или како што нагласи, кумулативно вкупното зголемување на основните плати на лекарите специјалисти е 40 отсто, на медицинските сестри 20 отсто, 23 отсто во Клиничкиот центар, на општите лекари 25 отсто и на здравствените соработници 15 отсто. Тој исто така рече дека на некои клиники, со дежурствата платата достигнуваат 100 илјади денари. Но, почнувајќи од февруарската плата, на сите клиники платата ќе биде 100 илјади денари, а некаде и повеќе.

Без оглед на овие зголемувања, сегашни и идни, Македонија тешко го држи чекорот во примањата со поразвиените земји, па дури и со земјите во регионот, особено кога станува збор за просечната плата. Таа – во Словенија на пример, е над 1.100 евра, а најблиску сме до Србија и до Босна и Херцеговина.

Едно од прашањата кои што се наметнуваат е од каде пари за ваквите ветувања. И во досегашните буџети, платите заземале значаен дел од вкупните расходи. Во иднина, таквите обврски очигледно, уште повеќе ќе се зголемуваат, без оглед кој ќе ја води владата. Економистите знаат дека „рецептот“ за одржливо зголемување на примањата е пораст на продуктивноста. Тоа го знаат и во партиите, но потешко им е на граѓаните да им ветуваат пот и солзи, отколку да наддаваат со бројки и проценти.

(М.Ј.)