Кој навистина го уби претседателот на Хаити? Дали колумбиските командоси?


Полицијата во потрага по осомничени за убиството на претседателот Моис (Фото: АП)

Според некои извештаи колумбиските командоси биле ангажирани да го штитат претседателот Моис, а не да го убијат. И дека убијците треба да се бараат меѓу неговите официјални чувари

 

Многу прашања се појавуваат во врска со официјалниот наратив на Хаити за атентатот врз претседателот Жовенел Моис, кој беше убиен во неговата вила во Порт-о-Принс минатата среда.

Хаитската полиција и политичарите кои зачекорија во политичкиот вакуум создаден со убиството на Моис, тврдат дека тој бил застрелан околу 1 часот по полноќ од одред на командоси, претежно Колумбијци, кои упаднале во резиденцијата на претседателот.  „Странците дојдоа во нашата земја да го убијат претседателот“, тврди шефот на полицијата Леон Шарл по пукањето. Сепак, опозициските политичари и извештаите на медиумите во Хаити и Колумбија сега ставаат сомнеж во оваа верзија, додека неизвесноста ја зафаќа карипската земја и улиците на главниот град остануваат молчаливо поради стравувањата дека Хаити влегува во нова фаза на политички и социјални пресврти.

Во петокот, Стивен Беноа, истакнат опозициски политичар и поранешен сенатор, изјави за локалното радио Магик9: „Претседателот беше убиен од неговите чувари, а не од Колумбијците“.

Извештајот во колумбиското списание „Семана“, повикувајќи се на анонимен извор, укажува на тоа дека поранешните колумбиски војници допатувале на Хаити откако биле ангажирани да го штитат Моис, кој наводно добивал смртни закани, наместо да го убијат.

Колумбискиот весник „Ел Тиемпо“, дополнувајќи ја мистеријата, тврди дека извор му рекол оти снимките од безбедносните камери од претседателскиот комплекс покажуваат дека колумбиските оперативци пристигнуваат таму во средата од 2,30 до 2,40 часот наутро. „Тоа значи дека тие пристигнаа еден и пол час по злосторството против претседателот“, беше цитиран изворот.

Претходно во петокот колумбиските власти именуваа 13 од наводните колумбиски платеници коишто хаитиските безбедносни служби ги заробија и тврдат дека биле вмешани. Меѓу нив беше и Мануел Антонио Гросо Гуарин, поранешен припадник на елитната единица на колумбиската армија наречена група за специјални сили за борба против тероризмот, специјализирана за справување со заложници и заштитата на ВИП личности.

Гросо (41) наводно пристигнал на Хаити со 10 поранешни војници на 6 јуни откако патувал низ туристичкиот град Пунта Кана во Доминиканската Република, кој го дели островот Хиспаниола со Хаити. Втората група поранешни војници пристигнала на Хаити околу еден месец порано преку Панама.

Шефот на полицијата на Хаити им соопшти на новинарите дека 15 Колумбијци биле уапсени како резултат на убиството на претседателот, како и двајца американски државјани со хаитско потекло.

Присуството на толку голем број странци меѓу наводните убијци на лидерот на Хаити, шокираше многумина, особено во самата држава. Но, колумбиски командоси со години се вртат во воените зони низ целиот свет, вклучувајќи ги Јемен, Ирак, Израел и Авганистан. Многумина некогаш беа обучувани од американски војници и, откако поминаа години во борба против бунтовничките групи или шверцери на дрога во Колумбија, продолжија да наоѓаат работа со приватни воени контрактори со седиште во САД.

Пол Рајмон, 41-годишен наставник од Порт-о-Принс, рече дека е убеден дека претседателот бил предаден од членови на неговиот тим за безбедност, кои наводно биле повикани да објаснат зошто не успеале да го заштитат. „Ова беше планирано од луѓе што го познаваат и луѓе кои ја познаваат вилата “, тврди Рајмон, изразувајќи збунетост затоа што никој од телохранителите на Мосе не бил повреден за време на нападот. „Дури ниту неговите кучиња!“, додаде Рајмон.

Алфредо Антоан, поранешен конгресмен, рече дека се сомнева оти убиството е дело на моќни хаитски олигарси. „Тие го убија затоа што не сакаа да им бидат нарушени нивните интереси“, тврди тој. (Обсервер)