Кој избра да не гласа за Кривичниот законик, а беше присутен во Собранието
Дали изгласувањето на измените во Кривичниот законик е дел од некаков поширок политички договор кој засега не може да се види?
Многу толкувања се појавија во јавноста зошто експресно во Собранието дојдоа измените во Кривичниот законик и уште поекспресно се изгласаа. Зошто СДСМ и ДУИ преку ноќ ги предложија, зошто ВМРО-ДПМНЕ вербално ги критикуваше, а процесно не презеде никаква мерка да направи голем политички настан од тоа. Дури не предложи ниту амандмани при комисиската расправа. Што е неверојатно чудно за закон од вакво значење.
Дали има некаков договор меѓу двете најголеми партии поврзан со уставните измени или со нешто друго? Многу дилеми, малку одговори. Можеби дел од тие дилеми може да станат појасни ако се погледне листингот на гласањето на Кривичниот законик во средата попладне. Таму има интересни податоци.
Присутни на седницата биле 104 пратеници, „за“ гласале 48, „против“ 36, имало еден воздржан, а дури 19 пратеници не гласале иако биле дел од седницата. Единствениот воздржан е Мирослав Јовановиќ, претседател на Српска странка во Македонија, дел од владејачката коалиција.
Поинтересно е кои се оние што не гласале а биле во Собранието. Речиси целата пратеничка група на Алијансата за Албанците, седум пратеници, не гласале за измените во Кривичниот законик иако биле во Собранието. Петмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, одбегнале да гласаат иако биле присутни (Мирче Аџиоски, Јован Јаулески, Благица Ласовска, Бране Петрушевски и Ѓорѓија Сајкоски). Не гласале и двајца лидери на опозициски партии – Димитар Апасиев и Павле Трајанов.
Не гласала ни претседателката на ЛДП, член на владејачката коалиција, Моника Зајкова. Како и пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ. Другите тројца пратеници што не гласале се членови на Алтаренатива, Демократско движење и Беса. Маја Морачанин, претседателка на ДОМ и член на владејачката коалиција, гласаше „против“.
Дали ова е некакво навестување, или се погрешни знаци, никој во овој момент не би можел да каже. Развојот на настаните ќе покаже дали изгласувањето на измените во Кривичниот законик е дел од некаков поширок политички договор кој засега не може да се види. (Н.В.)