Кој е кој во дипломатскиот тим на Џо Бајден


„Враќањето на Америка во светот“ треба да го води екипа искусни професионалци, врвни дипломати, од кои најголемиот дел има силни врски со Европа. Двајцата клучни луѓе во новата администрација за оваа мисија ќе бидат советникот за национална безбедност Џејк Саливан и државниот екретар Ентони Блинкен

 

Љупчо Поповски

Еден ден пред инаугурацијата на Џо Бајден за нов американски претседател во Сенатот почна сослушувањето на кандидатот за државен секретар, Ентони Блинкен, каде тој во глобални црти ги отслика контурите на идната надворешна политика на САД. Блинкен ги посочи трите главни стожери околу кои ќе движи американската надворешна политика во наредните четири години – Кина, Русија и Иран, а секако и пандемијата со корона вирусот. Блинкен на сенаторите им рече дека тој ќе остане аполитичен и дека Стејт департментот под негово водство ќе биде „непартиска институција“.

Блинкен изјави дека верува оти Трамп во голема мерка бил во право кога зазеде поцврст став кон Кина, иако не се согласи со одредени специфични политики на досегашниот претседател. Тој, исто така, рече дека има предизвици од Русија „низ серии од фронтови“, дека тие предизвици ќе бидат високо на гендата и дека „Навални е глас на милиони и милиони Руси и нивниот глас треба да биде слушнат“.

Вака тој им ја објасни на сенаторите мисијата на чие чело ќе биде и која претставува драматичен раскин со политиката на Трамп „Америка прво“.

„Понизноста и самодовербата треба да бидат двете страни на американската лидерска монета. Понизност затоа што имаме многу работа да сработиме дома за да го подобриме нашиот статус во странство. И понизност затоа што повеќето од светските проблеми не се однесуваат на нас, дури и иако тие влијаат врз нас. Ниту еден од големите предизвици со кои се соочуваме не може да бидат совладан од една земја која дејствува сама – дури и ако е моќна како САД“, рече Блинкен.

Тоа беше во согласност со она што го рече Бајден во обраќањето откако положи заклетва ден подоцна – дека веднаш ќе се зафати со обновувањето на меѓународните сојузи во кои членуваат САД. Само една реченица целосно го објаснува пристапот што сака да го има оваа администрација: „Ние не треба да бидеме пример на моќта, туку моќта да биде нашиот пример“, рече Бајден.

Кој треба да ја спроведе оваа надворешно-политичка доктрина?

Сосем јасно е дека најголемиот експерт за надворешната политика е токму самиот претседател, кој со години беше претседател на Комитетот за надворешни работи на Сенатот, а потоа, како потпретседател во тимот на Барак Обама, беше главниот креатор на односите на САД со остатокот на светот. Но, враќањето на Америка во светот треба да го калибрираат двајца луѓе од негова најголема доверба: Ентони Блинкен како државен секретар и Џејк Саливан како советник за национална безбедност. Како дополнение на ова дуо е и поранешниот државен секретар, Џон Кери, кој ќе биде „климатски цар“ во новата администрација. Кери ќе има посебна улога во Белата куќа. Ним треба да им помогне и новата амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд (која целиот живот го помина во Стејт департментот за најпосле да го напушти во првите трампови години).

Американски „Политико“ тоа го нарече Бајденовата „одмазда на кариеристите“. Но не кариеристи во пежоративна смисла, туку кариеристи како кариерни дипломати, разузнавачи и експерти за безбедност.

Некои од критичарите на Бајден, не негирајќи ги способностите на номинираните, велат дека тоа, всушност, е „третиот мандат“ на Обама. Бајден уште во декември ги негираше овие тврдења: „Ова не е трет мандат на Обама затоа што ние се соочуваме со тотално поинаков свет отколку што се соочивме во администрацијата на Обама-Бајден. Претседателот Трамп го смени пејсажот. Тој се претвори во Америка прво, а потоа во Америка осамена“.

Бајден е во право, пејсажот е сменет, но тоа не е само поради Трамп, туку поради тоа што и светот се промени независно од Америка. Тој се потпира на искусни дипломати за да се соочи со променетиот свет, кои не се само од ерата на Обама туку и порано, уште од администрациите на Буш и Клинтон.

Втор човек во Стејт департментот ќе биде Венди Шерман, која беше главна преговарачка за нуклеарниот договор со Иран во 2015 година, а беше таму и во времето на Клинтон како помошник-државен секретар за правни работи. Таа во овој момент е професор на Харвард и дел од фирмата за стратегии на Медлин Олбрајт наречена „Стоунбриџ“. И други пониски дипломати треба да дојдат на новите функции од оваа група, каде најдоа прибежиште по егзодусот од Стејт департментот за време на Трамп.

Викторија Нуланд ќе биде трет човек во Стејт департментот

Важна личност во Стејт департментот ќе биде нам многу добро познатата Викторија Нуланд. Иако формално е номинирана за местото потсекретар за политички работи, ефективно ќе ја има третата по моќ функција во американската дипломатија. Нуланд е врвен дипломат од кариера, која ја напушти службата исто така за времето на Трамп. Таа беше заменик-советник за национална безбедност на тогашниот републикански потпретседател Дик Чејни од 2003 до 2005 година. Долго време беше врвниот американски дипломат за Европа и амбасадор во НАТО, а потоа и портпарол на Стејт департментот.

Од оние што ѝ се повеќе познати на овдешната јавност секако е Филип Гордон, кој во администрацијата на Обама беше задолжен за овој регион и доаѓаше во Македонија. Гордон сега ќе биде заменик-советник за национална безбедност на потпретседателката Камала Харис.

Кај нас најмалку се знае за Џејк Саливан, кој треба да го креира дипломатскиот и безбедносниот одговор на Белата куќа во светот полн со кризи и да го советува претседателот каква политика треба да се спроведува. Саливан е познат во дипломатските кругови во Вашингтон како единственената личност која била заедно со Хилари Клинтон во нејзиното време како државен секретар во 112 земји во светот. Објаснувањето за овој негов „подвиг“ е и едноставно и комлицирано: треба да си исклучително подготвен со знаење, детерминиран, а некогаш и коцките да се наместат.

Џејк Саливан со 43 години ќе биде најмладиот советник за национална безбедност на еден американски претседател во последниве 60 години. Тој изгледа постаро од неговите биолошки години и поради знаењето беше еден од клучните актери во конципирањето на иранскиот нуклеарен договор од страна на Обама. Сега треба со Бајден овој договор повторно треба да се врати во живот.

Џејк Саливан со 43 години ќе биде најмладиот советник за национална безбедност во последниве шест децении

За Ентони Блинкен сега се знае речиси сѐ: дека има 58 години и дека е син на еврејски родители. Тие се развеле кога тој имал девет години и заминал со мајка му Џудит во Париз и со нејзиниот нов сопруг Самуел Писар, Евреин кој ги преживеал двата страшни конц-логори, Аушвиц и Дахау. Приказните на очувот за страшните злосторства што може да ги направи човекот оставиле неверојатен впечаток на младиот Тони. Во Париз посетуваше француско училиште и неговата билингвалност му помогна многу во натамошната кариера и на неговиот шарм. Се разбира, и моќта на семејството. Во Париз научи да свири добро на гитара, две песни на неговата група може да се најдат на „Спотифај“, го засака фудбалот и не престана да го игра до денеска. Потоа студираше на Харвард и на Колумбија. Татко му Доналд Блинкен, исто така дипломец од Харвард, беше познат инвестициски банкар, а потоа и американски амбасадор во Унгарија.

Откако се обидел како адвокат и новинар, Тони Блинкен добива место во Советот за национална безбедност во администрацијата на Бил Клинтон. Потоа поминува некое време во Конгресот каде службува во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, чиј претседател тогаш беше Бајден. Соработката меѓу нив двајцата почна тогаш и никогаш не престана. Во времето на Обама беше заменик-советник за национална безбедност, а потоа и заменик-државен секретар.

Оние што го знаат Блинкен го опишуваат како „префинет“, „гладок“ и „љубезен“, но исклучително добро поткован. Дури 2.000 експерти за надворешната политика биле вклучени во кампањата на Џо Бајден, но нејзиното главно лице беше Ентони Блинкен. Бидејќи неговите врски со Европа се речиси цел живот и се длабоки и лични, тој е жесток поборник на трансатлантскиот сојуз. Заедно со познатиот Роберт Каган тој во блог постот на Брукингс институтот во јануари 2019 го оцртаа светот во кој ќе зачекори претседателството на Бајден.

По четири години бирократско осакатување и лошо раководење под претседателот Трамп, во Америка постои утеха дека знаат оти националната безбедност ќе ја водат луѓе кои се компетентни и искусни. Но кој може да каже дека компетентноста е предуслов за креирање на добри политики; тоа не е доволно само по себе. Главниот проблем кој го наведуваат американските аналитичари е дали истите луѓе кои ја изработија и бранеа надворешната политика на Обама ќе продолжат да ги бранат нејзините постулати и дали ќе успеат да ги препознаат и да ги поправат нејзините недостатоци.

Што би можеле да очекуваат Македонија и целиот Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ? Засега ништо не може да се каже. Премногу е рано. Без оглед колку добро се познаваат актерите во дипломатските ешалони на Бајден, сепак ова е администрација која зад себе има само два дена. Допрва треба да се екипира, да ги рангира приоритетите, да ги постави знаменцињата на големата мапа на светот. Ќе видиме дали ќе има знаменце и за овој дел на Балканот, кој сепак е пацифизиран во последниве две децении. А безбедноста е клучниот интерес на САД. Македонија е веќе членка на НАТО и тоа најмногу благодарение на Вашингтон. Важно е што голем дел од овие дипломатски актери го познаваат многу добро регионот и во заедничка акција со ЕУ можат да помогнат да се помрдне неговата интеграција во Унијата. Но, да почекаме.