Кој е Белгиецот што ќе го наследи Доналд Туск? Шарл Мишел, градител на компромиси


Десет години од првото именување на Херман ван Ромпуј, Белгија повторно ќе ја заземе врвната европска функција, при што премиерот Шарл Мишел ќе го замени Доналд Туск на 1 декември.

„Шарл Мишел, со своето искуство како белгиски премиер, ќе биде идеален за изнаоѓање консензус и градење единство меѓу земјите членки“, рече Туск откако водачите на ЕУ постигнаа договор за целокупниот работен пакет.

Со многу фрагментиран политички систем, на Белгија не ѝ се непознати политички кризи. И 43-годишниот Мишел се смета за ладнокрвен и ефикасен помирувач во земја поделена со јазик, богатство и политика.

Мишел е најстариот син на Луј Мишел, поранешен белгиски европски комесар, министер и поранешен партиски претседател на Движењето за промени.

Адвокат по професија, тој влезе во политиката како провинциски советник во регионот Валонски Брабант на возраст од 18 години, откако учеше во Брисел и Амстердам.

Оттогаш тој стана една од водечките личности на либералите кои зборуваат француски и беше претседател на партијата и министер на 25 години, а во 2014 година стана најмладиот белгиски премиер од 1845 година кога имаше 38 години.

Белгискиот политички систем бара владата да биде составена од партии низ јазичната поделба, процес кој неизбежно значи чудни идеолошки компромиси и во минатото доведе до тоа Белгија да биде многу долго време без влада. Во 2010-11 година политичкиот ќор-сокак ја доведе Белгија да го преземе рекордот што дотогаш го држеше Камбоџа за најдолго време за формирање на нова влада по изборите – 353 дена.

По тешките коалициски разговори во 2014 година, Мишел беше предложен за премиер на единствената владина партија што зборува француски, која во тоа време претставуваше само 25 отсто од франкофонското население.

Неговата таканаречена „шведска коалиција“ поради боите на партиите, се нарекува влада на камиказе, поради одлуката за соработка со фламанските националисти, за кои критичарите рекоа дека го компромитираат политички со ефективно прифаќање на силните антимиграциски политики.

На крајот од минатата година администрацијата на Мишел ја изгуби поддршката од својот најголем коалициски партнер Н-ВА поради незадоволство од владината поддршка за Глобалниот договор за миграција на ОН.

Иако се обиде да продолжи со трите преостанати партии како малцинска влада, барајќи коалиција на добра волја да ја одржи владата во живот до сојузните избори во мај, тој не успеа да ја обезбеди поддршката на парламентот и беше принуден да се повлече.

Номинацијата на Мишел за функција во ЕУ е добра излезна стратегија за него од домашната политика. Мишел изгради цврста европска мрежа за време на неговото премиерство, развивајќи лични односи со многу од неговите колеги од ЕУ за време на официјалните посети преку приватни вечери или пијалаци по самитите на ЕУ.

Заедно со премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел и холандскиот премиер Марк Руте, тој формира трио на либералните лидери на Бенелукс давајќи слика за единство и приближување кон главните европски прашања како „Брегзит“.

Францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференцијата на 2 јули рече дека Мишел ќе биде на чело на Европскиот совет и се надева дека ќе види поблиска соработка во различни формати за повторно да го започне европскиот проект.

„Мишел е вистински Европеец, кој доаѓа од земја членка на еврозоната и шенген-зоната“, рече францускиот Макрон осврнувајќи се на двата најголеми формати на соработка кои овозможуваат европската интеграција да се движи со различни брзини.

Всушност, Мишел беше еден од првите лидери на ЕУ што одговорија на источноевропската опозиција за споделување на товарот на миграцијата, посочувајќи дека ЕУ се упати кон „двобрзинска“ унија со неподготвените држави како Полска и Унгарија.

„Тој е лидер кој ќе може да преземе нови формати“, додаде Макрон, кој врши притисок за повеќебрзинска Европа. Кога беше објавена неговата номинација, Мишел рече дека е подготвен да се залага за вредностите на ЕУ.

„Назначувањето за претседател е одговорност и задача што ќе ја извршам со посветеност, а ЕУ обединета во однос на националната разновидност ќе биде мојата цел“, изјави тој. (Еурактив)