Кои се „терористите“ што Турција ги бара од Шведска и Финска

На списокот на Анкара има 73 лица. Лидерите на Шведска и Финска се обврзаа дека барањето ќе го разгледаат сериозно. Но таму за екстрадиција не решаваат политичарите, туку независните судови


Трилатералниот договор претседателот Ердоган го претстави како победа за Турција

 

НАТО официјално го започна процесот за воведување на Шведска и Финска во својот воен сојуз. Но, клучен услов за Турција, членка на НАТО е предавањето на повеќе од 70 луѓе опишани од нејзиниот претседател како терористи.

Водачите на двете нордиски нации велат дека сериозно го сфаќаат прашањето, но на крајот екстрадицијата е на судовите, а не на политичарите. Значи, кого сака Турција и дали некогаш ќе бидат депортирани во Анкара?

Барањата на Турција

Шведска и Финска поднесоа апликација да се приклучат на одбранбената алијанса на Западот откако Русија ја започна војната во Украина. Турција беше единствената од 30-те земји-членки на НАТО што ги блокираше нивните кандидатури сѐ додека двете нордиски држави не се согласат на сет барања – вклучително и предавање на лица со наводни терористички врски.

Според меморандумот потпишан на самитот на НАТО минатата недела, Финска и Шведска се согласија „брзо и темелно да ги решат турските барања за депортација или екстрадиција на осомничените за тероризам“, со „билатерални правни рамки за олеснување на екстрадицијата“.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека Шведска ветила дека ќе екстрадира 73 „терористи“ и дека веќе испратила тројца или четворица од нив. Провладиниот турски весник „Хуриет“ објави список од 45 лица, од кои 33 се барани од Шведска и 12 од Финска.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведската премиерка Магдалена Андерсон (Фото: АФП)

Барани од Турција

Турција е особено заинтересирана за предавање на поединци за кои смета дека се поврзани со Курдистанската работничка партија (ПКК), која ЕУ, САД и Велика Британија ја сметаат за терористичка група. Турција, исто така, ги гони следбениците на прогонетиот турски свештеник Фетула Ѓулен. Ѓуленистите се обвинети од Турција за неуспешниот пуч против претседателот Ердоган во 2016 година.

Би-Би-Си разговараше со тројца од луѓето што ги бара Турција.

 

Булент Кенеш: новинар

Со години, тој беше главен уредник на „Тудејс Заман“, голем дневен весник на англиски јазик во Турција, пред да биде затворен во 2016 година. Сега тој живее во егзил во Стокхолм.

Турските власти го обвинуваат дека е дел од движењето Ѓулен, или како што ја нарекуваат Фетулахистичката терористичка организација (Фето). Таа е позната по својата мрежа на училишта и не се смета за терористичка група во ЕУ, Велика Британија или САД.

Кенеш рече дека станал мета поради неговата отворена критика кон претседателот Ердоган и се соочил со обвинувања за заговор за соборување на владата: „Сите обвинувања се измислени. Јас сум независен новинар без врски со ниту една организација“.

Тој побегна во Стокхолм откако беше осуден на условна затворска казна во 2015 година за „навреда на претседателот“, во твит во кој се вели дека покојната мајка на г-дин Ердоган би се срамела од него.

Булент Кенеш е високопочитуван новинар во Турција

Навреда на претседателот Ердоган останува вообичаено обвинение и денес, а поради тоа 17 новинари и карикатуристи се на судењето во првите три месеци од 2022 година, според независната турска организација Бианет.

Булент Кенеш верува дека станал предмет за пазарење меѓу Ердоган и Шведска во преговорите со НАТО.

Тој не се плаши особено од екстрадиција, бидејќи тоа би било „предавство на сопствените вредности на Шведска“ на демократијата и заштита на неистомислениците. „Ова не е тест за режимот на Ердоган… ова е тест за шведските власти“, рече тој.

 

Фатих: „Реформиран пироман“

Другите на листата на Турција се многу помалку истакнати. Фатих, фински Курд, бил дел од група од пет млади луѓе кои ја запалиле вратата на турската амбасада во 2008 година.

Сега, 37-годишен сопственик на бизнис и претприемач, тој за Би-Би-Си изјави дека се кае за тоа што го направил: „Во тоа време, мојот живот беше збркан, имав многу видови на проблеми“.

Тој беше изненаден кога го најде своето име на списокот бидејќи одамна заврши со издржување на условната казна од 14 месеци – и плати отштета на амбасадата. Финските власти му дадоа државјанство пред неколку години и го сметаа случајот со амбасадата затворен, рече тој.

Едно лице беше повредено во потпалувањето на турската амбасада во Хелсинки во 2008 година

Турција го обвинува дека е член на милитантната ПКК, која повикува на поголема курдска самоуправа и е вклучена во вооружена борба со турската држава.

Фатих рече дека немал врски или идеолошки врски со ПКК и верува дека бил цел чисто поради неговото курдско потекло.

Курдите сочинуваат 15-20% од населението во Турција, но со генерации се соочуваат со прогон во Турција. Владата во Анкара се обидува да ја забрани прокурдската партија ХДП, трета по големина во парламентот.

Иако Фатих не верува дека ќе биде екстрадиран како фински државјанин, тој се плаши од вознемирување во локалната турска заедница или од можно апсење во странство на барање на Турција. Тој рече дека е многу тажен што Финска мора да се „бори за него“.

 

Ајсен Фурхоф – Учителката која побегна

Ајсен Фурхоф дошла во Шведска по отслужување на пет години од доживотната затворска казна во Турција поради обид за „поткопување на уставниот поредок“ кога имала 17 години и била член на турската комунистичка партија. Таа рече дека ѝ била понудена заштита во Шведска откако била мачена во затвор.

Сега 45-годишната жена живее во Стокхолм со сопругот и ќерката и работи како учителка и инсистира дека повеќе не е вклучена во турската политика.

„Јас заминав од Турција пред 20 години. Ако ме испратат таму, нема да имаат корист од мене. Сите што ги знам се или мртви или во затвор. Затоа беше изненадувачки да се биде на списокот – која сум јас за нив?

Ајсен Фурхоф е разочарана што Шведска склучила договор со Ердоган

Фурхоф вели дека во Турција се гони и поради тоа што била членка на ПКК. Таа признава дека соработувала со нив три месеци пред околу 25 години.

Иако таа повеќе нема симпатии за ПКК, таа негира дека тие се терористичка група и верува дека тие треба да бидат дел од дискусиите за договор за мир во Турција.

Цитирајќи го шведскиот закон, таа не е загрижена за екстрадицијата, но тешко ѝ е да поверува дека таа може да биде важен случај за Анкара.

 

Бариери за екстрадиција

Правните барања во Шведска и Финска ѝ отежнуваат на Турција да бидат екстрадира оние што ги сака:

  • Независен суд го има последниот збор за екстрадиција – не политичарите
  • Државјаните ниту на Шведска ниту на Финска не можат да бидат екстрадирани
  • Странските државјани можат да бидат екстрадирани – но само доколку е во согласност со Европската конвенција за екстрадиција
  • Екстрадицијата не е дозволена за политички дела или во земји каде што луѓето ризикуваат да бидат прогонувани
  • Наводните прекршоци мора да се гледаат како кривично дело во Шведска или Финска.

Според шведскиот весник „Дагенс нихетер“, од 33-те шведски имиња наведени во турските медиуми, 19 веќе се одбиени за екстрадиција од страна на Врховниот суд во Стокхолм.

„Не можеме да поминеме низ претходни случаи кои се веќе процесуирани“, рече главниот судија Андерс Ека.

Финска испорача две лица во Турција од повеќе од десетина барања во изминатата деценија. Министерството за правда вели дека не се примени нови барања и дека на курдската заедница ѝ ветила дека нема да има промена на законот.

Можна реакција

Ако барањата на Турција бидат отфрлени, таа би можела да ја повлече својата поддршка за пристапот на нордиските нации во НАТО, вели Мурат Јешилтас од провладиниот тинк-тенк Сета.

Парламентите во сите 30 земји на НАТО ќе треба да ги одобрат Шведска и Финска како членки, а тоа ги вклучува и турските пратеници. Така, Јешилтас предупредува дека станува збор и за „достоинството на турскиот парламент“.

Други коментатори сугерираат дека притисокот на Анкара за екстрадиција може да биде стратегија за реизбор на Ердоган или алатка за да помогне во продажбата на американско оружје.

Има мали шанси Шведска или Финска да предадат некој од списокот во скоро време.

Еден поранешен член на ПКК на списокот, Џемил Ајган, беше цел на екстрадиција од Турција во минатото, но верува дека Врховниот суд на Шведска ќе застане на патот. „Ако Шведска ме предаде, мојот живот ќе заврши“, изјави тој за јавниот радиодифузен сервис СВТ. (Би-Би-Си)