Кои се европарламентарците што застанаа во заштита на Камчев?


Станува збор за двајца европарламентарци од Данска и двајца од Словачка. Она што е заедничко за сите нив е што, освен еден, сите се во истата политичка групација како и ВМРО-ДПМНЕ 

 

Откако не успеа во Советот на Европа во Стразбур да добие поддршка за своето барање да оди во куќен притвор, Орце Камчев сега се обидува да изврши притисок со истата цел преку Европскиот парламент во Брисел. Неговите адвокати денес објавија дека четворица европарламентарци бараат мониторинг на „случајот Камчев“ преку Делегацијата на Европската унија во Скопје и одговор од Европската комисија „за континуирано кршење на неговите човекови права“.

Прашањата кои тие ги покренуваат до Европската комисија се однесуваат на тоа како ЕК планира да ја насочи поддршката за Северна Македонија доколку постои „контиунирано кршење на човековите права во земјата и докази за полициска бруталност“. Според нив, Камчев е обвинет за финансиски мотивирани, ненасилни злосторства, а е притворен под животно загрозувачки услови и покрај тоа што боледува од вродена срцева болест. Во нивната реакција практично се изрецитирани забелешките на адвокатскиот тим на Камчев со кои ја бомбардираат јавноста со месеци, барајќи разно-разни канали како да направат од криминалниот – политички случај.

„Постапката укажува на незаконски контекст (жалба за белешка од тајната служба, потенцијално пристрасен одговорен обвинител, 8 продолжувања на 30-дневен притвор, злоупотреба на фотографии од притворениот на неодамнешните избори од страна на владејачката партија…). Дополнително, неразбирлива е и одлуката покрај независните медицински препораки властите да одбијат да го преместат притвореникот во домашен притвор“, стои во барањето на пратениците.

Ова е нов обид во случајот да се инволвира Брисел, откако во Македонија дојде и го посети Камчев поранешниот еврокомесар Јан Фигел. Интересно е да се знае, кои се пратениците кои ставиле потпис на вакво барање и со какви мотиви?

Станува збор за двајца европарламентарци од Данска и двајца од Словачка, од различни политички групи во ЕП. Она што е заедничко за сите нив е што, освен еден, сите се во истата политичка групација како и ВМРО-ДПМНЕ во ЕП, а освен што се занимаваат со политика се дел од бизнис секторот или биле инволвирани во здравствени прашања. 

Пернил Вејс е данска политичарка и бизнисменка која станала парламентарка како преставник на Конзервативната народна партија во таа земја, која е дел од групата на народни партии. Таа била главен извршен директор  на „Archimed“, консултантска компанија за здравство и архиктетура. Иван Штефанец, член на словачката Демохристијанска унија, бил претседател на Здружението на бизнисмените во Словачка до 2005 година, а пред да влезе во политиката работел во разни компании, вклучувајќи ги „Кока кола“ и „Erns & Young”. Петер Полак исто така е словачки политичар кој е член на ЕП од 2019 година.Toj e прв словачки Ром кој станал европарламентарец а политички припаѓа на групата на народни партии. Работел како универзитетски професор и проект менаџер. Карен Мелчиор е данска политичарка која во општинскиот совет во Копенхаген била одговорна за Комитетот за здравство и социјала како членка на Социјал-либералната партија. (Н.В.)