Кои компании ќе може да добијат државна гаранција за комерцијални кредити


Една од мерките што беше промовирана денес во рамки на третиот владин пакет, е и државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на старт-ап и мали и микро компании.

„Државата става на располагање финансиски средства од 125 милиони евра на извозно ориентираните компании, за поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит. Како и гаранција за обезбедување на царинскиот долг – за поголем извоз и полесен пристап до суровини за домашните компании“, рече на прес конференција премиерот Оливер Спасовски.

Со гаранцијата за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на РСМ, објасни Спасовски.

Запрашана да ја појасни оваа мерка, министерката за финансии, Нина Ангеловска, рече дека целта на државната гаранција за стартап и мали претпријатија е да го олесни пристапот до финансиски средства на приватниот сектор со што компаниите би имале можност да го поделат ризикот односно државата да преземе дел од него.

„Тоа значи дека државна гаранција со покриеност од околу 50 проценти во Македонската развојна банка би требало да има почетен капитал од 10 милиони евра со коишто би се когарантирал износ од над 65 милиони евра“, рече Ангеловска.

Целта е компаните кои потешко би дошле до средства, до кредити што ќе им бидат потребни  во периодот  по коронакризата, државата да преземе дел од ризикот за тие полесно  да може да дојдат до средствата потребни за зголемување на конкурентноста и за инвестиции за подобрување на ликвидноста.

Ваквата државна гаранција ја воспоставиле најголем дел од европските земји, а во овој посткризен период на заздравување на економиите веќе ја воспоставуваат и околните земји, како Србија и Албанија.

-Токму затоа во планот е предвидено таа да биде во септември-октомври, бидејќи во периодот кој ни претстои за неа треба да се направи анализа, да се проценат капацитетите, да се пристапи кон регулаторни промени. Бидејќи сегашниот наш Закон за јавен долг  вели дека државата не гарантира на приватен сектор, а целта е оваа мерка  да поомогне  во посткризниот или периодот  на закрепнување на приватниот сектор, рече министерката Ангеловска.

Во однос на поддршката на приватниот сектор, рече, во вториот столб се издвоени дополнителни 25 милиони евра со ребалансот на КОВИД-програмата на Владата и тие ќе бидат наменети за  државната гаранција.

-Значи, таа се однесува и за мали и за средни компании, за сите компании  на коишто ќе им бидат потребни средства  за зголемување на конкуретноста, да ги  обноват врските со пазарите коишто  можеби ги изгубиле, рече Ангеловска, додавајќи дека е важно што преку овој пакет Владата покажала дека мисли на сите и има јасно определени цели да му помогне и на приватниот сектор.