Половина ориз неоткупен, СДСМ тврди дека владата ги уништува производителите
Оризот скапува по амбарите, оваа Влада ги уништи оризопроизводителите, обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче во изјава за медиумите.
Половина од произведениот ориз не е откупен, трошоците растат, а најавената откупна цена е двојно пониска од периодот кога СДСМ беше на власт, додаде Филипче во изјава за медиумите.
Според СДСМ, оризопроизводителите се соочуваат со една од најтешките кризи во последните години, оценувајќи дека причината е, како што наведуваат, погрешната политика на Владата предводена од Христијан Мицкоски. Од партијата тврдат дека половина од ланското производство сè уште се наоѓа во амбарите поради недостиг на организиран откуп.
„Наместо државата да обезбеди пласман на домашното производство, илјадници тони ориз пропаѓаат, а земјоделците стравуваат дека ќе ги изгубат плодовите од својот труд“, се наведува во соопштението.
СДСМ посочува дека Владата сè уште не соопштила каква ќе биде откупната цена за новата реколта, ниту кога ќе бидат исплатени субвенциите.
„Земјоделците влегуваат во нова производствена сезона без никаква сигурност и без поддршка од институциите. Во исто време, најавите за драстично ниска откупна цена не ги покриваат ниту основните трошоци за производство. Со вакви политики, оризопроизводството се турка кон целосен колапс“, наведуваат од партијата.
Според СДСМ, големи количини ориз остануваат изложени на пропаѓање, што, како што велат, претставува дополнителна економска штета за производителите и ризик за целиот регион.Во соопштението се наведува и дека откупната цена во време на владата на СДСМ била над 40 денари за килограм, додека сега, според нив, не достигнува ниту 20 денари.
„Поради неспособноста на Владата на Мицкоски, производителите ја губат довербата во институциите, а сè повеќе се доведува во прашање опстанокот на ова стратешко производство. По две години владеење, ВМРО го уништи земјоделството, ги осиромаши и понижи земјоделците“, оценуваат од СДСМ.
Партијата бара Владата итно да обезбеди организиран откуп на заостанатите количини ориз, да ја објави откупната цена за новата реколта, да ги исплати заостанатите субвенции и да преземе конкретни мерки за спас на оризопроизводството. објави Скопје1.мк