Межеван од Светска банка: Македонија има потенцијал, потребни се структурни реформи
Северна Македонија има значителни можности да го забрза економскиот раст, да ја зајакне конкурентноста и да го подобри животниот стандард преку спроведување структурни реформи, оценува директорката на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Карол Межеван во интервју за МИА.
На една година од нејзиниот мандат, Межеван во интервјуто вели дека Северна Македонија е држава со вистински потенцијал и докажана отпорност, но истовремено и понатаму се соочува со структурни предизвици.
– И покрај тоа што изминатата деценија се соочи со низа преклопувачки кризи – од пандемијата до енергетскиот шок – земјата успеа да ја зачува макроекономската стабилност и во 2025 година оствари една од највисоките стапки на економски раст во Западен Балкан, поттикната од силните инвестиции во инфраструктурата и растот на услужниот сектор. Пазарот на трудот, исто така, бележеше континуирано подобрување, со зголемен број вработени и повисоки плати. Тоа им помогна на многу семејства да го подобрат својот животен стандард и придонесе за намалување на сиромаштијата. Во исто време, земјата и понатаму се соочува со структурни предизвици, нагласува Межеван.
Клучни, според неа, се два предизвика – демографијата и продуктивноста.
За да премине во категоријата земји со висок доход и да го подобри животниот стандард, земјата ќе мора значително да ја зголеми продуктивноста – посочува меѓу другото директорката на Светска банка.

Комбинацијата од соодветна реформска програма со инвестиции во основната инфраструктура и човечкиот капитал, според Межеван, претставуваат вистинска можност земјава да го забрза економскиот раст, да создаде повеќе и поквалитетни работни места и во текот на една генерација да го достигне животниот стандард на Европската Унија.
– Затоа верувам дека перспективите за идниот развој на земјата се и ветувачки и остварливи, вели Межеван.
За ревидираните прогнози на Светска банка за економскиот раст на земјава, Межеван вели дека тие се направени поради покомплексната надворешна средина и домашните ограничувања на државата.
Во периодот што следи се очекува услужниот сектор да остане еден од главните двигатели на економскиот раст, а градежниот сектор ќе продолжи да има придобивки од изградбата на автопатските делници на Коридорите 8 и 10д.
Г-ѓа Межеван, помина една година откако ја презедовте функцијата директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово. Како од оваа перспектива ги оценувате економските случувања во земјата?
– Ја презедов функцијата директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово пред точно една година. Тоа беше мојата прва посета на овие земји, па дури и на регионот на Западен Балкан воопшто. Затоа, оваа прва година беше навистина интересна и ми отвори нови видици од многу аспекти, овозможувајќи ми да стекнам нови перспективи, да учам од различни искуства и подобро да ги разберам локалните реалности.
Северна Македонија е земја со вистински потенцијал и докажана отпорност. И покрај тоа што изминатата деценија се соочи со низа преклопувачки кризи – од пандемијата до енергетскиот шок – земјата успеа да ја зачува макроекономската стабилност и во 2025 година оствари една од највисоките стапки на економски раст во Западен Балкан, поттикната од силните инвестиции во инфраструктурата и растот на услужниот сектор. Пазарот на трудот, исто така, бележеше континуирано подобрување, со зголемен број вработени и повисоки плати. Тоа им помогна на многу семејства да го подобрат својот животен стандард и придонесе за намалување на сиромаштијата.
Во исто време, земјата и понатаму се соочува со структурни предизвици. Иако, во 2010 година премина во групата земји со повисок среден доход, економијата оттогаш практично стагнира и се соочува со она што најчесто се нарекува „замка на средниот доход“ – состојба кога една земја достигнува средно ниво на доход, но не успева да премине во категоријата на напредни економии со висок доход.
Два предизвика особено се издвојуваат.
Првиот е демографијата. Населението старее, додека голем број млади и високообразувани луѓе продолжуваат да ја напуштаат земјата. Тоа ја намалува работната сила и го зголемува ризикот инвестициите во образованието да им користат на други земји, наместо на домашната економија.
Вториот предизвик е продуктивноста. Нејзиниот раст е негативен веќе со години, а најголем дел од инвестициите се насочени кон градежништвото, наместо кон технолошки интензивни сектори кои ја поттикнуваат долгорочната иновација и конкурентност. За да премине во категоријата земји со висок доход и да го подобри животниот стандард, Северна Македонија ќе мора значително да ја зголеми продуктивноста.

Кои, според Вас, се главните можности за економски раст на Северна Македонија, како и потенцијалните предизвици?
– Северна Македонија има значителни можности да го забрза економскиот раст, да ја зајакне конкурентноста и да го подобри животниот стандард преку спроведување структурни реформи. Во нашиот претстоен водечки извештај „Раст и работни места“, којшто ќе биде објавен во септември, се идентификувани низа препораки за јавни политики што можат да го ослободат потенцијалот на македонската економија.
Особено се издвојуваат три приоритети.
Прво, подобрување на конкурентноста и рационализирањето на присуството на државата во економијата ќе ги намалат нарушувањата на пазарот, ќе ги поттикнат приватните инвестиции, особено странските директни инвестиции, и ќе го забрзаат воведувањето иновации и нови технологии.
Второ, унапредувањето на фискалното управување и реформите во јавната администрација ќе придонесат за зачувување на макроекономската стабилност и ќе создадат простор за јавни расходи што ќе го поддржат економскиот раст.
Трето, инвестирањето во луѓето – преку подобрување на развојот на вештините, поголемо учество на жените на пазарот на трудот, посилна поддршка за младите при преминот од образование кон вработување и проширување на можностите за доживотно учење – ќе помогне во надминување на недостигот од работна сила и ќе овозможи искористување на значителниот, сè уште неискористен човечки потенцијал.
Овие реформи се тесно усогласени со агендата на земјата за пристапување во Европската Унија, што значи дека двете цели можат меѓусебно да се зајакнуваат. Тие, исто така, ќе придонесат за максимално искористување на ефектите од амбициозната инфраструктурна програма што земјата ја реализира, особено преку Коридорите 8 и 10, со што Северна Македонија ќе се позиционира како регионален центар, вистинска крстосница и точка на поврзување во Европа.
Комбинацијата од соодветна реформска програма со инвестиции во основната инфраструктура и човечкиот капитал претставува вистинска можност Северна Македонија да го забрза економскиот раст, да создаде повеќе и поквалитетни работни места и во текот на една генерација да го достигне животниот стандард на Европската Унија. Затоа верувам дека перспективите за идниот развој на земјата се и ветувачки и остварливи.
Светска банка неодамна прогнозираше економски раст на Северна Македонија од 2,9% во 2026 година, што е малку над просекот за Западен Балкан од 2,8%. Во исто време, Владата проектира економски раст од 3,5%, што ги одразува нејзините очекувања за посилни домашни инвестиции, потрошувачка и економска активност поттикната од реформите. Кои фактори придонесоа за ревидирањето на прогнозата за земјата надолу и кои сектори се очекува да бидат носители на растот во иднина?
– Пониската прогноза за 2026 година, во споредба со 2025 година, ја одразува покомплексната надворешна средина во комбинација со домашните ограничувања. На надворешен план, кризата на Блискиот Исток додаде нов слој на притисоци, пред сè преку трговските и ценовните канали. Глобалниот шок кај цените на енергенсите и континуираната геополитичка неизвесност се очекува негативно да влијаат врз надворешната рамнотежа на Северна Македонија преку повисоки трошоци за увоз, а истовремено да придонесат и за дополнителни инфлациски притисоци.
На домашен план, овие надворешни предизвици се совпаднаа со повеќе тековни проблеми. Индустриското производство, вклучително и преработувачката индустрија, се соочува со притисоци. Во исто време, фискалната консолидација повеќепати беше одложувана, а повисоките расходи за плати, пензии и социјални трансфери создадоа дополнителен притисок врз фискалната рамнотежа. Растот на платите ја поддржа потрошувачката на домаќинствата, но истовремено остана повисок од растот на продуктивноста, што придонесува за инфлациски притисоци.
Во периодот што следува, се очекува услужниот сектор да остане еден од главните двигатели на економскиот раст. Градежниот сектор ќе продолжи да има придобивки од изградбата на автопатските делници на Коридорот 8/10д, што претставува еден од најзначајните инфраструктурни проекти за земјата. Приватната потрошувачка, поттикната од растот на платите, исто така треба да придонесе за одржување на економскиот раст.
На среден рок, секторот за информатичко-комуникациски технологии има силен потенцијал да поддржи попродуктивен и поодржлив модел на економски раст. Лично гледам и огромна можност во понатамошниот развој на туризмот. Северна Македонија располага со уникатно културно наследство и извонредно природно богатство, што претставува одлична основа за развој на одржлив туристички сектор.
За целосно искористување на овој потенцијал ќе бидат потребни континуирани напори за зајакнување на конкуренцијата, доброто управување, развојот на вештините и интеграцијата со единствениот пазар на Европската Унија.

Кои се приоритетите на Светска банка во претстојниот период и како планирате да соработувате со институциите за поддршка на економскиот раст и подобро искористување на потенцијалот на земјата?
– Светска банка има долгогодишно партнерство со Северна Македонија во клучни области како што се транспортот, земјоделството, образованието, социјалната заштита, енергетиката и реформите во јавниот сектор. Во наредниот период ќе продолжиме тесно да соработуваме со институциите за зајакнување на институциите, подобрување на јавните услуги и поддршка на одржлив и инклузивен економски раст. Нашата цел не е само да обезбедиме финансиска поддршка, туку и да бидеме доверлив партнер кој ќе ѝ помогне на земјата целосно да го реализира својот економски потенцијал.
Покрај тековните проекти во образованието, патната инфраструктура, земјоделството и управувањето со јавниот сектор, подготвуваме четири нови исклучително важни проекти.
Првиот се однесува на голема инвестиција во когенеративна електрана и проширување на системот за централно греење во Битола. Овој проект ќе придонесе за создавање почиста, побезбедна и поотпорна енергетска иднина.
Вториот проект ќе ја поддржи модернизацијата на железничкиот сектор преку сеопфатен пакет реформи и инвестиции, со цел обезбедување висококвалитетни услуги за патничкиот превоз и позиционирање на Северна Македонија како регионален транспортен и логистички центар.
Третиот проект ќе овозможи целосно искористување на потенцијалот на повеќенаменскиот хидросистем „Злетовица“, преку проширување на површините за наводнување и производство на обновлива енергија.
Конечно, заедно со Европската инвестициска банка подготвуваме проект за изградба и реконструкција на три главни болници – во Штип, Тетово и Кичево – како и за дигитализација на здравствениот систем, со цел подобрување на квалитетот на здравствените услуги за граѓаните низ целата земја.
Особено сме горди што учествуваме во подготовката на овие нови иницијативи, кои имаат потенцијал суштински да ги трансформираат клучните сектори во земјата и да го трасираат патот кон попросперитетна иднина за сите граѓани на Северна Македонија.
Преку Меѓународната финансиска корпорација (IFC), членка на Групацијата Светска банка задолжена за приватниот сектор, ќе продолжиме да го поддржуваме растот предводен од приватниот сектор и отворањето нови работни места. Неодамнешен значаен настан беше одржувањето на првиот IFC Day во Скопје, на 16 јуни, кој претставуваше важна пресвртница и покажа како IFC може да го поддржи развојот на клучните економски сектори во Северна Македонија, особено извозно ориентираното производство и енергетската транзиција.
Покрај финансирањето што го обезбедуваме и за јавните проекти и за приватниот сектор, ние создаваме и знаење. Тоа знаење ни помага да ги осмислиме проектите што ги финансираме, а самите проекти создаваат нови сознанија и искуства што ги насочуваат идните инвестиции. Истовремено, придонесуваме и со глобално знаење што ги обликува меѓународните политики и ги промовира успешните развојни искуства и решенија, од кои може да има корист целата меѓународна заедница.
Гледајќи напред, гледаме значајни можности за мобилизирање на целокупниот потенцијал на Групацијата Светска банка, комбинирајќи ги реформите во јавниот сектор со инвестиции од приватниот сектор, со цел да се зголеми конкурентноста, да се поддржи енергетската транзиција, да се прошири пристапот до финансии и да се помогне во остварувањето на амбициите на Северна Македонија за економски раст.

Какво е мислењето на Светска банка и кои се нејзините препораки во однос на пензиската реформа?
– Како и многу други земји, Северна Македонија се соочува со долгорочен и структурен демографски предизвик, кој се карактеризира со брзо стареење на населението и намалување на работоспособното население. Во такви услови, воспоставувањето добро осмислен и добро управуван пензиски систем е од клучно значење за да се обезбеди соодветна финансиска сигурност за пензионерите, но и долгорочна фискална одржливост. Постои широк меѓународен консензус дека повеќестолбниот пензиски систем може да придонесе за справување со овој предизвик.
Во изминатите години Светска банка обезбедува техничка помош и советодавна поддршка во креирањето на јавните политики, со цел да ѝ помогне на Владата при обликувањето на пензискиот систем. Нашите експерти за пензиски систем непосредно соработуваат со надлежните институции во анализата на предизвиците со кои се соочува капитално финансираниот пензиски столб и во идентификувањето конкретни можности за негово унапредување.
Неодамна, со финансиска поддршка од Европската Унија, Светска банка изготви техничка анализа што ѝ послужи на Владата на Северна Македонија при подготовката на Прегледот на јавните расходи (Spending Review) за пензискиот систем. Секако, сите одлуки во однос на јавните политики остануваат во надлежност и одговорност на Владата.