Клуге: Ситуацијата во Европа е сериозна, бројот на смртни случаи надмина еден милион


Швајцарија – Регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, денеска потврди дека минатата недела бројот на смртни случаи од последиците на коронавирусот во Европа надмина еден милион, пренесе агенцијата Анадолија.

-Ситуацијата во нашиот регион е сериозна. Секоја недела се регистрираат околу 1,6 милиони нови случаи, што значи бројка од 9.500 инфицирани на час или 160 во минута, соопшти Клуге.

Овие податоци Клуге денеска ги кажа на прес конференцијата на која учествуваше и грчкиот министер за здравство, Василис Кикилиас.

Наведувајќи дека во Европа се користат седум вакцини против Ковид-19 од 171 милиони дози, Клуге појасни дека приближно 13 проценти од европското население ја примило првата доза на вакцината, а шест проценти втората.

Тој додаде дека бројот на смртни случаи кај луѓето постари од 80 години се намалува од февруари. Според него, процентот на хоспитализации е се уште на високо ниво.