Ќе ги „заземат“ ли странци домашните работни места?

Свети Николе не е единствениот град каде што ќе работат странци од далечните земји на истокот. Во Прилеп веќе се при крај за увоз од Непал на седум луѓе


(Фото: Б.Грданоски)
 

Веста дека шестмина работници од Индија се ангажирани како работници на фарма и во млекара во Свети Николе, деновиве повторно на површина ги исфрли дебатите за увоз на работна сила, но и за стравот дека отворањето на пазарот на труд во нашата земја ќе овозможи домашните работни места да бидат „заземени“ од странци.

Оправдани ли се ваквите стравувања и дали неопходноста за увоз на работници кое гласно го истакнуваат стопанственици и политичари, е можеби алатка како да се намалат притисоците на синдикатите за зголемување на минималната и другите плати во земјава?

Во четвртокот минатата недела Државниот завод за статистика објави дека во првите три месеци годинава во нашата земја имало 9.467 слободни работни места, а во апсолутен износ најмногу работници недостигале во преработувачката индустрија (2.424), потоа во трговијата на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1.777) и административни и помошни услужни дејности (840). Исто така, ако се земе предвид бројот на слободни работни места (а не стапката), најмногу слободни работни места имало во деловните субјекти со 50 до 249 вработени – вкупно 3.003.

Од регионален аспект, процентуално најмногу слободни работни места имало во Пелагонискиот регион  (2,93 отсто или 1.527 работни позиции, но ако предвид се земе само бројката, тогаш на чело е Скопскиот регион со 4.297. Најмногу слободни работни места (2.568), имало во групата на занимања работници во услужни дејности и продажба.

Државата се празни

„Ако зборуваме теориски, може да се каже дека ако увезеш 20 работника од надвор, а ти имаш други 20 домашни, тоа можеби ќе врши притисок не само на платите туку и на порастот на продуктивноста, корпоративно поврзување и тн. Но, тоа не е главната работа. Главната работа е што ни се празни државата, покрај низок наталитет имаме и голем одлив на луѓе“, вели Ангел Димитров, претседателот на Собранието на Организација на работодавачи.

Тој додава дека проблемот со недостиг на работници е сложен, младите луѓе очигледно не гледаат иднината кај нас, а до друга страна тоа е и светски процес.

Вели дека зборувал со агенција од Непал и од таму му рекле дека можат да најдат обучени луѓе со искуство во текстилот.

„Јас се изненадив, велам како ќе ми најдете обучени, па вие имате ли текстилна индустрија, а од таму ми одговорија потврдно, но дека пропаѓа бидејќи нема работници. Замислете, тие немаат работници за таму, но имаат работници за кај нас.

Како што кај нас немаме работници за нашите хотели, но имаме луѓе кои ќе работат за хотелите во Хрватска. А, пак, Хрватите викаат дека немаат нивни луѓе, бидејќи одат во Германија. Значи тоа е еден светски процес, бидејќи падна наталитетот, населението во Европа старее и потребна е таква мобилност на луѓето, односно на работната сила“, вели Димитров.

 
Клучно е што ни се празни државата, покрај низок наталитет имаме и голем одлив на луѓе: Ангел Димитров, претседателот на Собранието на Организација на работодавачи

Мотивите за заминување се разни, но во последно време, како што посочуваат домашни бизнисмени, меѓу другото се наведувале и кредитите, односно зголемените каматни стапки. Како што пораснале каматните стапки, дел од нив не можеле да ги враќаат кредитите, па заминуваат во Хрватска на три месеци, или во Италија за да соберат некоја пара за да ги вратат кредитите кон банките.

„Колку побрзо сфатиме дека тоа е процес кој е неминовен, толку полесно за сите нас ќе биде да го либерализираме, да го олесниме, затоа што во овој момент ние имаме многу сложени процедури, неопходни се визи, дозволи за тие луѓе, процедурата трае долго време, бидејќи е вклучено и министерството за надворешни работи, потоа кај нас согласноста, МВР, Агенција за вработување, квоти… Јас зборувам за она што нѐ чека во иднина, не велам дека утре тоа нагло ќе се случи. Но, забележувам дека во овој момент многу наши претприемачи во тоа гледаат бизнис и регистрираат компании за увоз на работници, значи свесни се дека тоа ќе биде тренд“, вели Димитров.

Станува збор за луѓе од Куманово кои што работеле во Авганистан или во други држави по разни основи, имаат контакти таму со домашни луѓе и регистрираат такви агенции. Има и луѓе кои работеле во Австралија и се вратиле во Македонија, а имале искуство со извоз на работници од Непал во Австралија и во други држави во регионот.

Инаку, вработените Индијци во Свети Николе не биле донесени преку македонска агенција туку преку агенција од Србија и затоа процедурата била поедноставна затоа што тие веќе имале добиено виза за во Србија, а српската компанија ги префрлила на работа во Македонија.

Свети Николе не е единствениот град каде што ќе бидат ангажирани странски работници од далечните земји на истокот. Како што вели Димитров, во Прилеп веќе се при крај за увоз од Непал на седум луѓе, така што во цела Македонија веќе ги има првите примери.

Инаку, во Македонија и сега има странци кои што работат во домашни или странски компании, како на пример на разни позиции во компаниите во технолошко-индустриските слободни економски зони, но и градежни работници кои што се ангажирани на повеќе градилишта од матичните компании, пред сѐ од Турција, кои што се инвеститори или изведувачи на проекти во земјава.

На прашањето во кои индустрии најмногу ќе бидат потребни странски работници, Димитров вели дека во овој момент можеби најзагрозени се градежништвото, земјоделството, текстилот, односно трудоинтензивните дејности.

 
 

(Не)реална стапката на невработени 

За многумина е парадоксално настојувањето да се носат странски работници кога во нашата земја бројот на невработени и натаму е многу голем, а стапката на невработени е една од највисоките во Европа. Критиките најмногу се насочени кон работодавците и долгогодишната политика на ниски плати за вработените, но и кон властите заради тоа што недоволно се користат мерките за преквалификација.  

Според Димитров, стапката на невработени кај нас е сосема нереална.

„Ако побарате да речеме 100 луѓе во една агенција за вработување, максимум ќе најдете тројца кои ќе прифатат да работат“, вели Димитров, објаснувајќи ја ваквата состојба со тоа што дел од нив се луѓе кои што не се тука, односно се заминати од државата, а дел се социјални случаи кои најчесто работат на црно и не сакаат да ја изгубат социјалната помош. Тој вели дека станува збор за цели семејства.

„Ако таткото користи социјална помош, не му дава ниту на синот да се вработи, затоа што така ќе ја загуби социјалната помош. Дел чекаат само момент кога ќе заминат од државата, или завршиле факултет и чекаат да се вработат во јавната администрација и не прифаќаат преквалификација и доквалификација“, вели тој додавајќи дека ако сакаме реална бројка на невработени мора тоа да се расчисти.

„Не може социјален случај кој се води во агенцијата како невработен повеќе од пет години, да не се јавува на оглас, а го викаат да склучи договор за вработување. Значи има нешто, сигурно работи на црно“, вели тој.

На прашањето колку на Македонија би ѝ требало годишно да увезува работници, Димитров вели дека во овој момент бројката е од 8 илјади до 10 илјади луѓе годишно.

„Тоа го гледам врз основа на отворените огласи кои не се пополнети, но и од тоа колку отприлика луѓе ја напуштаат државата. Ако ги земете статистичките податоци за активно работно население, вработени и невработени, ќе видите дека бројот на невработени во 2021 паднал за 8 илјади луѓе, а бројот на вработени не се зголемил, ниту пак намалил“, вели Димитров.

Темата за увоз на работници од странство предизвикува разни коментари кај обичните луѓе, кои на ова не гледаат само економски притисок, туку, се јавуваат и други стравувања, кои што се парадоксални за народ кој има долга печалбарска традиција, и кога многумина би ја искористиле првата шанса за „билет во еден правец“, за да ја напуштаат државата и среќата да ја побараат во некоја поразвиена земја на Запад.

„Нашиот народ се плаши од сѐ што е ново и и несекојдневно, па и од странските работници. Но, тоа се случува и во други држави, на пример во Хрватска каде што работат над 20 илјади Непалци, но општеството се справи со таквите стравови. Светот сега е глобално село“, вели Димитров, додавајќи дека во Европа тоа е видливо во многу места каде што има вистинско шаренило на народи и раси. „Ние не може да бидеме исклучок и сигурен сум дека за година две тоа ќе биде нормална појава“, вели тој.

Како до работна дозвола за странец
 

Домашните работодавци, а особено странските инвеститори кои што работат во ТИРЗ, подолго време укажуваат на сложената процедура за регистрирање странски работници во компаниите во земјава.  Ова е едно од прашањата кое што постојано се актуелизира на разговорите меѓу инвеститорите и домашните власти.

Како што посочуваат повеќе специјализирани интернет страници, оваа проблематика е регулирана со Законот за странци, како и Законот за вработување и работа на странци во Македонија, каде што е предвидена дозвола за престој и работа на странец.

Според Законот, како странец се смета секое вработено лице во Македонија, кое врз основа на договор за вработување ќе заснoва работен однос кај работодавач чие седиште или место на живеење е во државата, или кога ќе стекне статус на самовработено лице.

Привремен престој заради работа во Македонија може да се одобри за три намени: вработување на странец; сезонско вработување на странец, и упатени работници.

Странски државјанин може привремено да престојува и да работи и врз основа на потврда за регистрација за работа во согласност со Законот, доколку работата што се врши е максимум до 60 дена. За оваа цел, потребно е да се добие позитивно мислење од страна на Агенцијата за вработување.  

 

Домашните работодавци, а особено странските инвеститори кои што работат во ТИРЗ, подолго време укажуваат на сложената процедура за регистрирање странски работници во компаниите во земјава.  Ова е едно од прашањата кое што постојано се актуелизира на разговорите меѓу инвеститорите и домашните власти.

Како што посочуваат повеќе специјализирани интернет страници, оваа проблематика е регулирана со Законот за странци, како и Законот за вработување и работа на странци во Македонија, каде што е предвидена дозвола за престој и работа на странец.

Според Законот, како странец се смета секое вработено лице во Македонија, кое врз основа на договор за вработување ќе заснoва работен однос кај работодавач чие седиште или место на живеење е во државата, или кога ќе стекне статус на самовработено лице.

Привремен престој заради работа во Македонија може да се одобри за три намени: вработување на странец; сезонско вработување на странец, и упатени работници.

Странски државјанин може привремено да престојува и да работи и врз основа на потврда за регистрација за работа во согласност со Законот, доколку работата што се врши е максимум до 60 дена. За оваа цел, потребно е да се добие позитивно мислење од страна на Агенцијата за вработување.  

Како се врши пријавување на странец за работна дозвола?

Потребни се неколку елементи потребни за да може да се пријави странец во Македонија како вршител на дејност: ППР образец, СПО образец, овластување на овластено лице, лична карта за странец (дозвола за престој), како и работна дозвола за вработување по претходно спроведена постапка согласно Законот.

Оваа постапка често знае да претставува дополнителен логистички товар и правен лавиринт, кој може да ги обесхрабри напорите на компаниите за носење квалитетни луѓе од странство, или пак да прошират определен надворешен бизнис во рамките на Македонија, се наведува на сајтот на сметководственото и консултативно биро Александар-АК.