Ќе ги затвори ли проблемите на бизнисот иницијативата Отворен Балкан


Фото: Б Грданоски

Чекањето на камионите на граница не е единствениот проблем. Проблем се институциите кои ги следат сите тие работи, вели Светозар Јаневски

 

Мирче Јовановски

Нула минути чекање на границите меѓу Албанија, Македонија и Србија за превозниците, но и целосна мобилност на работната сила, што ќе им овозможи на граѓаните од трите земји да барат вработување каде што сакаат, рамноправно со домашните кандидати. Овие планови кои што беа презентирани на Економскиот форум во четвртокот во Скопје на кој беше промовирана иницијативата Отворен Балкан, предизвикаа големо внимание во јавноста во трите земји. Стопанствениците очекуваат отстранувањето на бариерите да биде поттик за нивниот бизнис, иако укажуваат и на многуте предизвици за остварување на иницијативата, а граѓаните се повеќе се интересираат за најавените придобивки, како што се попусти за билети за воз, патарина, попусти во ресторани, хотели и тн. Сепак, иницијативата отвора и многу прашања, колку е реална и остварлива, а дополнително и поради тоа што не е прифатена од три земји на Западен Балкан – Црна Гора, Косово и БиХ.  

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека секоја регионална интеграција и отворањето на економиите кои до сега биле позатворени, има придобивка сама по себе.

„Така што, економски не може да има штета. Политички е друго прашање“, вели Узунов.

Во дел од дискусиите на форумот во Скопје учесниците зборуваа и за отпорите на кои може да наиде иницијативата Отворен Балкан која што предвидува меѓу Македонија, Србија и Албанија да се симнат сите бариери – да има слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал. Притоа, беа посочени не само отпорите во земјите кои имаат негативен став кон иницијативата (Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина), туку беше нагласено дека за целосно спроведување на замисленото ќе бидат потребни законски измени и но и да се трансформираат администрациите на земјите. Но, дали отпорите за кои што стана збор може да се лоцираат и на други места, меѓу самите бизнисмени во чиј интерес, како што беше нагласено, се прават овие големи промени?

„Секогаш има отпори, затоа што во дадената констелација некои стекнале одредена пазарна позиција и кога ќе се промени позицијата, ќе им се промени комодитетот. И тие, нормално, реагираат…“, вели професорот Узунов.

На пример некој кој ‘фатил’ одреден пазар, релативно е заштитен, со најавените промени ќе се создадат услови за поголема конкуренција, ќе дојде некој од Србија, од Албанија или од овде некој ќе отиде таму и ќе му биде конкурент, па ќе мора да ја намали цената на производите или услугите или да преземе нешто друго. Таквото чувство на можна загрозеност на стекнатата пазарна позиција ги тера некои од бизнисмените да не се премногу среќни со најавените промени кои не се далечна перспектива, туку ќе почнат да важат веќе од 2023 година.

„Ова е суштината на Европската унија, иако во случајот е ‘ако не сакате да играме со 27 земји, ние ќе играме со три’“, вели тој.

Дел од бизнисмените стравуваат дека проблемот со недостиг на неквалификувана работна сила дополнително ќе ескалира во иднина, кога меѓу трите земји целосно ќе се отворат границите и ќе важи правилото „една работна дозвола“. Односно, кога за било кого во Отворен Балкан ќе важат истите услови за вработување како за домашните граѓани.

„Може да се случи Србија да ги привлече сите инженери. Ако го имаш Белград и Нови Сад со платите кои се таму, а има целосно движење на луѓе – ќе се вработи таму. Реалноста е тоа“, вели еден бизнисмен од компанија која што се занимава со производство на индустриски производи.

Сепак, не се само овие предизвиците кои треба да се земат во предвид. Иако на форумот во Скопје беше само површно спомната, се чини дека еден од клучните фактори кои ќе влијаат дали иницијативата за Отворен Балкан ќе „фати корен“ и ќе се реализира, е борбата против корупцијата. Токму корупцијата деновиве беше посочена од страна на американскиот Стејт департмент како една од главните пречки за градење поволна бизнис клима во Македонија и во Албанија, па и во Србија, која доби пофалби за економските резултати во текот на пандемијата.

Еден од нашите водечки стопанственици, Светозар Јаневски за Независен вели дека иницијативата во секој случај ќе отвори простор да размислуваме за тоа како да си ги решиме проблемите.

„Отворањето на границите и чекањето на камионите на граница не е единствениот проблем. Проблем се институциите кои ги следат сите тие работи. Гледам премиерот Рама приговара на контролите што се прават. Се прават контролите бидејќи контролите во домицилната земја се избегнуваат на друг начин. И тука се тие проблеми со корупцијата, со подмитувањето, со нечесноста…“, вели Јаневски.

Тој додава дека иницијативата Отворен Балкан само ни отвора простор.

„Другиот дел е инвестирањето од земја во земја. Тоа  треба да биде олеснето, треба да се создадат заеднички институции кои ќе ги следат проблемите. Инаку, ако влеземе во лавиринтите во кои живееме, тешко ќе биде за било кого. Ние и до сега не сме некои извонредни во тој дел на привлекување на странски капитал, на брзо решавање, дури и на домашните инвеститори не им е олеснето во тој дел“, нагласува тој.

Според него, пристапот е во променување на мајндсетот на луѓето кои живеат во овие простори.

„Иницијативата треба доволно добро да ја разбереме сите, да ја поддржуваме и да се менуваме во целиот дел за да може да успее. И се она што било како иницијатива, како Пактот за стабилност и други, сите биле во тој правец. Другиот дел е имплементацијата – сега се работи за имплементацијата и решавањето на оние проблеми кои навистина ги имаме. Тоа се  сепак проблеми за кои не можеме да обвинуваме некој друг, туку треба да си ги решиме тие проблеми внатре секој посебно во својата земја“, вели Јаневски за Независен.

Арис Влахос, претседавач на Хеленското деловно здружение во Северна Македонија, ја оценува иницијативата како многу позитивна.

„Иницијативите како оваа се позитивни и веруваме дека ќе се финализираат“, вели Влахос.

На прашањето дали иницијативата Отворен Балкан може да има и поголемо регионално влијание или пак, ќе се ограничи само за трите земји кои сега во неа учествуваат, Влахос вели дека иницијативата е отворена и за други земји.

„Ова многу добар пример, секако и за други земји да се приклучат. Ова е многу позитивна иницијатива и ние веруваме дека ќе се спроведе“, вели Влахос.

Вкупниот домашен бруто-производ на трите земји, Албанија, Македонија и Србија, годинава ќе изнесува 76 милијарди евра, што е помалку од Словачка. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ оптимистички изјави дека за 5 – 6 години може да ја престигнеме и да го смениме балансот на силите, и како што нагласи регионот може да биде машинерија за развој и раст.

Стопанските комори пресметаа дека превозниците сега на границите меѓу трите земји чекаат од 120 до 160 минути, а целта е тоа да се сведе на минимум, односно целосно да се елиминира. Поедноставувањето на процедурите за работни дозволи ќе овозможи подобра мобилност на работната сила, но исто така ќе го запре одливот на населението во странство, имајќи предвид дека околу 350.000 луѓе ги напуштиле трите земји во периодот помеѓу 2012 и 2019 година, велат од асоцијациите на стопанствениците.