Кина сака да ја забрани облеката што ги „навредува чувствата на нацијата“
Нацрт-законот за забрана на говор и облекување „штетни за духот на кинескиот народ“ предизвика жестока дебата во Кина. Ако законот стапи на сила, луѓето кои ќе бидат прогласени за виновни може да бидат казнети со парична казна или затвор, но предлогот сè уште не прецизира што претставува прекршување.
Корисниците на социјалните мрежи и правните експерти повикаа на поголема јасност за да се избегне престрогото спроведување на законот. Кина неодамна објави серија предложени промени на законите за јавна безбедност, што се први такви реформи во последните децении.
Законот за облека предизвика итна реакција во јавноста – многумина го критикуваа на Интернет како претеран и апсурден.
Спорните клаузули сугерираат дека луѓето кои носат или принудуваат други да носат симболи кои „го поткопуваат духот или ги навредуваат чувствата на кинеската нација“ може да бидат притворени до 15 дена и казнети до 5.000 јуани (680 долари).
Оние кои пишуваат или дистрибуираат написи или говори што го прават тоа, исто така, би можеле да се соочат со истата казна. Со предложените законски измени се забранува и „навреда, клевета или на друг начин кршење на имињата на народните херои и маченици“, како и вандализирање на нивните споменици.
На интернет, луѓето се прашуваа како спроведувањето на законот може еднострано да одреди кога „чувствата“ на нацијата се „повредени“.

„Дали носењето костум и вратоврска би значело навреда? Марксизмот потекнува од Запад. Дали неговото присуство во Кина исто така би се сметало како навреда за националните чувства“, објави еден корисник на кинеската платформа Веибо.
Правните експерти во земјата, исто така, ја критикуваа нејасната формулација на законот, велејќи дека тој може да биде отворен за злоупотреба. Жао Хонг, професорка по право на кинескиот универзитет за политички науки и право, рече дека недостатокот на јасност може да доведе до кршење на личните права.
„Што ако спроведувачот на законот, обично полицаец, има лично толкување на прекршокот и иницира морално расудување на другите надвор од дофатот на законот“, напиша таа во написот објавен во средата.
Таа наведе еден случај што се најде на насловните страници во Кина минатата година, кога жена облечена во кимоно беше приведена во градот Сужоу и беше обвинета за „расправија и предизвикување проблеми“ поради носење јапонска облека. Инцидентот предизвика бес на кинеските социјални мрежи.
Приведен поради носење реплика на јапонска воена униформа
Имаше и други примери на сузбивање на човековите права. Во март годинава, полицијата на ноќен пазар приведе жена која носела реплика на јапонска воена униформа. Претходно минатиот месец, на луѓето кои носат облека со дезен на виножито им беше забрането да учествуваат на концерт на тајванскиот пејач Чанг Хуи-меи во Пекинг.
„Да се носи кимоно значи да се повредат чувствата на кинеската нација, да се јаде јапонска храна значи да се загрози нејзиниот дух? Кога чувствата и духот на автентичната кинеска нација станаа толку кревки?“, напиша еден популарен онлајн социјален коментатор, кој пишува под псевдонимот Ванг Вуси.
Нацрт-законот е само еден пример за тоа како кинескиот претседател Ши Џинпинг се обидува да ги насочи Кинезите на „примерно однесување“. Во 2019 година, неговата кинеска комунистичка партија издаде „морални упатства“ кои вклучуваат насоки како што се пристојноста и „верата“ во г-дин Ши и партијата.