Кина ќе го возврати ударот врз Европската Унија поради законот „Произведено во Европа“


Пекинг е подготвен да возврати удар врз Европската Унија доколку донесе закон со кој ги исклучува кинеските бизниси од единствениот пазар, изјави висок трговски претставник, објави бриселски Политико.

Сè посилната тенденција да се изгради единствена индустриска политика на Европа го провоцира Пекинг, кој, пак, цврсто се држи до политики на државна интервенција дома. Во ретко јавно претставување, на прес-конференција во кинеската амбасада во Брисел во среда, официјалните лица се изјаснија против предложените правила на ЕУ што би им забраниле на кинеските фирми да конкурираат за јавни договори или да опремуваат критични мрежи.

На 4 март 2026 година, Европската комисија го презентираше предлогот за регулативата IAA, која веднаш беше наречена закон „Произведено во Европа“. Европскиот комесар Стефан Сежурне рече дека законот ќе „создаде работни места со насочување на парите на даночните обврзници кон европското производство, намалување на зависноста и зајакнување на економската безбедност и суверенитет“.

Паралелно, Европската Унија воведува и нови царински правила за мали пратки, при што од јули 2026 година сите пакети под 150 евра ќе подлежат на фиксна давачка – потег што директно ги погодува азиските онлајн трговци.

Аналитичарите предупредуваат дека Кина може да возврати со ограничување на пристапот до својот пазар, дополнителни регулаторни проверки или пренасочување на трговските политики, особено кон европските компании што имаат значително присуство во таа земја.