Кина го сруши рекордот во инсталирани соларни панели

Кина инсталираше најголем месечен соларен капацитет во својата историја во мај, покажуваат официјалните податоци, со зачудувачкиот факт дека само во тој месец додаде повеќе соларен капацитет од која било друга земја во целата 2024 година.
Според податоците од Националната администрација за енергија, објавени од Блумберг, Кина инсталираше 93 гигавати (GW) соларен капацитет во мај, соборувајќи го сопствениот рекорд од декември 2024 година, кога инсталираше 71 GW.
Тие 93 GW во мај значи дека Кина додаде повеќе соларен капацитет за еден месец отколку која било друга земја во целата 2024 година, проценува BloombergNEF.
Сепак, се очекува инсталациите да се забават во јуни и јули, поради новите политики на кинескиот пазар, за кои ќе биде потребно време за да се усогласат понудата и побарувачката.
Имено, инсталациите за соларна енергија се забрзани со цел да се искористат постојните субвенции, бидејќи на 1 јуни ќе стапи на сила нова владина политика, со која се укинува гарантираната цена за купување електрична енергија од соларни проекти. Досега, оваа цена овозможуваше речиси сигурна профитабилност кога проектите ќе почнат да работат.
Друга мерка, која стапи на сила на 1 мај, го отежна поврзувањето на кровните соларни панели со дистрибутивната мрежа за електрична енергија.
Аналитичарите велат дека овие мерки ќе го забават растот на нови соларни инсталации во текот на летото.
Забавувањето би можело дополнително да ги погоди кинеските производители на соларни панели, кои се справуваат со вишок капацитет и ценовни војни повеќе од една година.
Сите водечки производители на соларна опрема во Кина забележаа загуби во првиот квартал од оваа година, наведувајќи ги ниските цени на производите, како и трговските тензии и новите тарифи наметнати од сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Уште на почетокот на 2024 година, Кинеската асоцијација за фотоволтаична индустрија предупреди дека секторот за производство на соларна опрема во Кина итно има потреба од консолидација, бидејќи прекумерниот капацитет и ценовните војни ги туркаат домашните компании во трка кон дното.