Кина го егзекутира мажот кој смртно избоде 10-годишно јапонско момче


Кина погуби маж за убиство на 10-годишно Јапонско момче во септември минатата година, соопшти јапонската амбасада во Пекинг, пренесува Би-би-си.

Жонг Чангчун беше осуден на смрт во јануари откако избоде момче кое одеше кон јапонско училиште во градот Шенжен, во југоисточна Кина.

Тој случај ги потресе двете земји и дополнително ги подигна дипломатските тензии, со сомневање дека станува збор за ксенофобичен напад.

„Јапонската влада го смета убиството на целосно невино дете за непростливо злосторство и на оваа егзекуција гледа со најголема сериозност“, се вели во соопштението на јапонската амбасада за Би-Би-Си.

„Поради овој инцидент, јапонската влада ќе продолжи да ги презема сите можни безбедносни мерки и силно ќе ја повика кинеската страна да ја обезбеди безбедноста на јапонските граѓани во Кина“, додаваат оттаму и појаснуваат дека за егзекуцијата биле информирани од кинеското Министерство за надворешни работи.

Нападот предизвика страв кај јапонската заедница во Кина, а некои јапонски компании, вклучително и Тојота, ги повикаа вработените да бидат внимателни. Панасоник им понуди на вработените бесплатни летови до дома.

Пресудата во случајот Џунг, според јапонските власти, не ја спомнува Јапонија. Јапонскиот амбасадор во Кина, Кенџи Канасуги, рече дека Жонг побарал да разговара со семејството на жртвата, но не кажа дали момчето било цел на напад бидејќи е Јапонец.

Инцидентот дополнително фрли светлина врз растечкиот нетолерантен национализам на кинеските социјални медиуми, што го поттикна антистранското расположение во последниве години.

Некои коментатори забележаа дека нападот се случил на политички чувствителен датум – 18 септември, годишнината од инцидентот што доведе до јапонската окупација на Манџурија во раните 1930-ти.

Историските рани продолжуваат да тежат на политичките односи меѓу двете земји. Со децении, Кина бара извинување од Јапонија за колонијалната и воената агресија во првата половина на 20 век и редовно ја обвинува Јапонија за минимизирање на бруталноста на нејзините воени дејствија во училишните учебници.

Нападот се случи и во контекст на бранот насилство врз странците во Кина, вклучувајќи го и нападот со нож врз четворица американски учители во градот Џилин.

Во јуни минатата година, маж нападна Јапонка и нејзиното дете на автобуска постојка во Сужоу, убивајќи една Кинеска која се обидела да ги одбрани. И тој напаѓач бил егзекутиран, потврдија јапонските власти минатата недела.