Киевски Динамо договори хуманитарни натпревари со европските гиганти


Најтрофејниот украински фудбалски клуб Динамо Киев објави дека ќе одигра серија пријателски натпревари од хуманитарен карактер против повеќе големи европски екипи, со цел да собере средства за својата држава, која е под инвазија од Русија.

– Благодарение на нашите водачи, Динамо ќе ја продолжи меѓународната хуманитарна мисија со серија пријателски натпревари со најдобрите европски екипи, соопшти 16-кратниот украински шампион.

Најавено е дека натпреварите против Барселона и ПСЖ ќе се одиграат во периодот од април до јуни, а како потенцијални ривали на Динамо Киев се наведени и Борусија Дортмунд, Стеауа, Милан, Бенфика, Спортинг Лисабон, Ајакс и Базел.

– Сите дуели ќе бидат под слоганот – „Натпревар за мир! Прекинете ја војната“, се наведува во клупското соопштение.