Кежаровски: Мене ме апсеше режим, сега има процедура


Записникот од исказот на Орце Камчев што предизвика бура во јавноста

Спречување на слободата на говорот и поттикнување самоцензура или новинарска активност која значи попречување и компромитирање на судска истрага која не може така лесно да се оправда со јавниот интерес. Дали обвинителството треба да ги гони оние што објавиле документи или личноста која имала пристап до службени тајни и ги изнела и ги дала на медиум­?

Вакви и слични дилеми се отворија во јавноста откако обвинителството поднесе обвинителен предлог против новинарот на порталот „Инфомакс“, Александар Митовски, за кривично дело оддавање службена тајна. Во поглед, пак, на околностите на кои овој записник е излезен и како е предаден на обвинетиот новинар за да биде објавен, обвинителството најави дека ќе поведе кривична постапка, ама ако утврди кој е кртот и ако за тоа обезбеди докази.

Новинарските асоцијации и здруженија застанаа во одбрана на Митковски, кој минатиот месец создаде дополнителен хаос околу актуелниот случај „Рекет“ објавувајќи ја првата страница од записникот од сведочењето на бизнисменот Орце Камчев. Од МАН сметаат дека текстот кој е предмет на обвинителен предлог е експлицитен пример за јавен интерес и за денеска најавија протест.

И Здружението на новинари се заложи за слободата на говорот, но сепак потсетува дека примената на највисоките професионални и етички стандарди се гаранција дека новинарите го штитат јавниот интерес. Во својот став ЗНМ посочува и на негативното досие на конкретниот медиум, кој само минатата година од Советот за етика во медиумите (СЕММ) има добиено три одлуки за прекршување на професионалните и етичките стандарди и за објавување дезинформации.

„Начинот и леснотијата со кои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднело обвинителен акт за оддавање службена тајна во предистрага против Митовски отвора сомнежи за нетранспарентност и селективност во постапката. Обвинителството не треба да ги гони оние што ги објавиле документите туку личноста која имала пристап до службени тајни и ги изнела и им ги дала на медиум. Дополнително, случајот на кој се однесува протечениот документ е високопрофилен, што уште повеќе треба да го зголеми притисокот врз Обвинителството да ги употреби сите ресурси и службена легална моќ за да открие како се случило протечувањето. Само на овој начин ќе има гаранција дека во иднина ќе се запазува тајноста на истрагите“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Доколку Обвинителството настојува на продолжување на обвинителниот акт, од ЗНМ ќе побараат од Кривичниот суд да го отфрли обвинителниот предлог со цел да се запре постапката.

Исказот на Камчев кој осамна на „Инфомакс“, а кој го дал во Обвинителството за тоа како, наводно, бил уценуван од Бојан Јовановски и Зоран Милески уште од септември 2018 до април 2019 беше придружен со новинарски текст во кој се цитираат и други детали кои ги нема во објавениот документ. Меѓу другото, се посочува дека во рекетот бил вмешан и премиерот Зоран Заев, а тоа, наводно, јасно се гледало и од исказите на останатите оштетени и сведоци. Она што најмногу загрижувало, како што се додава, е исказот на Камчев во кој, наводно, се вели дека премиерот наместо да ги изведе пред лицето на правдата, ги предупредил Зоран Милески и Боки Јовановски дека Камчев ги пријавил за рекет. Притоа се споменуваат и неколку други високи функционери, судии и адвокати за наводна вмешаност во скандалот.

Во колумна насловена „Кој и зошто се обидува да ја искомпромитира истрагата за аферата ‘Рекет’“ новинарот кој ја откри аферата, Бранко Героски, укажа и на фактот дека објавувањето на овој материјал од истрагата и неговата (зло)употреба најверојатно е проблематично од правен аспект, до степен што јавниот интерес сепак нема да може така лесно да ги оправда активностите на новинарите што би значеле попречување и компромитирање на истрагата.

„Оттаму, без оглед на фактот што интензивно пишувам за аферата ‘Рекет’ веќе долго време, јас лично не би си дозволил да објавам ваков документ. Тоа, пак, не ја оправдува хистеричната најава на тужби за новинарите, од страна на премиерот Зоран Заев, од министерката Радмила Шекеринска, од Фросина Ременски и од другите“, пишува Героски.

Професорката Снежана Трпевска посочува дека во кодексот на новинари не се обрнува внимание на оваа проблематика. „Новинарите мора да имаат слобода во својата работа, но тие имаат и обврска да ги почитуваат професионалните стандарди. Треба да се биде особено претпазлив во вакви случаи кога можете да и наштетите на истрагата па и да доведете одредени лица инволвирани во неа во животно загрозувачка позиција“, вели Трпевска.

Од ЗНМ, пак, порачуваат дека новинарите мора да се осигураат дека кога се работи со протечени документи кои имаат потенцијал да нанесат штети врз граѓаните и институциите ќе применат современи методи, меѓу кои: проверка на фактите, правни консултации, формирање на етички комисии од редот на новинарите кои треба да утврдат дали она што ќе го откријат изнесените информации е релевантно за јавниот интерес итн.

Во мноштвото коментари на социјалните мрежи случајот со Митковски, меѓу другото, беше доведен и во корелација со случајот со Томислав Кежаровски, кој во 2013 беше осуден на 4,5 години затвор бидејќи, наводно, го оддал идентитетот на заштитениот сведок во предметот „Ликвидација“, што тој тврди дека воопшто не соодветствува со вистината. Во 2015 година Апелацискиот суд казната му ја намали на две години, а во мај годинава Врховниот суд ги укина сите пресуди во предметот и ги врати на повторно судење. Меѓутоа, на крајот Обвинителството одлучи дека на Кежаровски нема да му се суди поради застареност на делото, што тој го окарактеризира како „осуда на доживотен затвор“.

„Не гледам како може да се повлече паралела меѓу мојот случај и случајот со новинарот на ‘Инфомакс’. Не сакам ништо повеќе да коментирам. Само ќе прашам дали тогаш беше режим кога по наредба ме уапсија и затворија или сега е режим кога случајот се одвива со запазување на судска процедура“, посочи Кежаровски. (Н.К.)