Казна или награда: „Главниот адвокат“ на ЕК заминува на нова должност

Брисел – Европската комисија соопшти дека нејзиниот актуелен главен советник за правни прашања Даниел Кајеха и Креспо е именуван за шеф на Претставништвото на ЕК во Шпанија.
– Европската комисија одлучи, во интерес на службата, да го премести Даниел Кајеха и Креспо на функцијата шеф на Претставништвото на Европската комисија во Шпанија, се наведува во официјалното соопштение на Комисијата.
Најавата за прераспределбата на Шпанецот Кајеха и Креспо на нова должност, по речиси четири децении минати на служба во Брисел, следи по вчерашната пресуда на Општиот суд на ЕУ по тужбата на весникот „Њујорк тајмс“ затоа што ЕК одбила на негова новинарка да и ги достави на увид СМС пораките разменети меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла од пролетта 2021 година, со кои се договарала набавката на вакцини во екот на пандемијата на Ковид-19 низ Европа.
Судот со седиште во Луксембург оцени дека Европската комисијата „не дала веродостојно објаснување за да го оправда“ одбивањето на барањето на новинарката, како и дека „не успеала на веродостоен начин да објасни зошто сметала дека текстуалните пораки разменети во контекст на набавката на вакцини против Ковид-19 не содржат важни информации… за да мора да бидат зачувани“.
Тајмингот на носењето на одлуката за упатување на „главниот адвокат“ на ЕК на нова должност предизвика изненадување од причина што доаѓа по судската пресуда за случај во кој тој би требало да биде директно вклучен со оглед на неговите обврски. Според работните задачи на Кајеха и Креспо на сегашната функција, тој ги надгледува сите предлози со правни импликации, присуствува на сите состаноци на Комисијата во својство на нејзин правен советник и ЕК „генерално ги следи неговите правни совети“.
Сепак, претставници на ЕУ тврдат дека прераспределбата на Кајеха и Креспо не е поврзана со одлуката на Судот и целиот скандал околу улогата на Фон дер Лајен во набавките на вакцините, во јавноста познат како „Фајзергејт“.
– Изгледа како награда, а не како казна, изјавил за бриселскиот портал „Политико“ претставник на ЕК, кој побарал анонимност.
Гласините за поврзаност на прераспределбата на Кајеха и Креспо и судската пресуда ги негираше и главната портпарол на Европската комисија, Паула Пињо.
– Даниел Кајеха и Креспо е високо ценет за неговата служба во Брисел и во Комисијата. Достојно е да му се оддаде почит, со тоа што ќе ја заврши својата кариера како амбасадор во неговата матична земја, рече Пињо.
Вчерашната пресуда на Општиот суд на ЕУ предизвика реакции во Брисел, но ЕК инсистира на тоа дека судската одлука не ги доведува во прашање транспарентноста на Европската комисија и нејзините правила за евиденција на документите, туку „само кажува дека таа требало да даде попрецизно објаснување во својот одговор дека не ги поседува бараните податоци“