Катастарот ги демантира наводите на КСС


Агенцијата за катастар на недвижности ги демантира „лагите и дезинформациите“ на Конфедерацијата на слободни синдикати дека не презела мерки и не спроведува мерки за заштита и превенција на вработените од корона вирусот и тврди дека целосно ги спроведува сите мерки и протоколи за заштита на здравјето на вработените и на граѓаните.

Ктастарот пишува дека согласно заклучокот на Владата од 20 октомври повторно го воведе системот работа од дома и „во моментот по овој основ своите работни обврски од дома ги извршуваат 123 вработени лица, а во тек е и организирањето на работа во смени за оние сектори и одделенија во кои работниот процес не овозможува работа од дома.

Жално е тоа што Конфедерацијата на слободни синдикати, предводена од претседателот Благоја Ралповски, наместо да помага, ја злоупотребува пандемијата и шири невистини. Дополнително, КСС се обидува да злоупотребува и смртен случај на едно вработено лице во Агенцијата со неосновано и крајно тенденциозно тврдење дека ‘се работи за негрижа на Агенцијата’ за своите вработени“.

Катастарот вели дека станувало збор за поранешен вработен во Агенцијата, на кого по втор пат му бил прекинат работниот однос поради недоаѓање на работа во изминатите четири години, со затскривање зад синдикалните активности и нивна злоупотреба на истите, за остварување на лични цели. Катастарот тврди дека тоа лице земало плата во целост, а не доаѓало на работа.