Картареску : Создаден сум за пишување како што гитара е создадена за свирење, инспирацијата ја наоѓам во мене


Не можам да кажам дека нешто посебно ме поттикнува да пишувам. Едноставно, сметам дека сум создаден за пишување, како што и гитарата е создадена за свирење. Се што ми е потребно за инспирација е едно кафе на маса, и врата меѓу мене и универзумот. Всушност, целата инспирација ја наоѓам во мене, вели во интервјуто за МИА големиот романски современ писател, Мирча Картареску.

Картареску е годинешниот добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“. Наградата му беше врачена во недела, на 19 септември во Скопје, за време на деветтото издание на фестивалот.

Последниве години Картареску се споменува како серизоен кандидат во трката за Нобелова награда, но според него, да се биде добитник на една ваква награда е вистинско чудо, а да се сметаш себе си за достоен да ја добиеш е навистина за почитување. Сепак, како што смета писателот, потребно е да почекаме уште 50 години за да бидеме сигурни дали тој навистина ќе ја добие.

Живот, смрт, љубов, светот – Ова се главните водечки елементи во неговата најпреведувана трилогија „Заслепување“, за која вели дека иако ја напишал многу одамна, уште е главниот двигател на неговата „скромна“ флота, едно посебно уметничко дело, и книга која што многу ја сака.

-Наградата секогаш ме мотивира да продолжам со пишување, но исто така е и знак на доверба што читателите ја имаат во мене. Вака се чувствувам секогаш кога знам дека награда или признание го добивам како еден вид на почит за она што го работам, вели Картареску за МИА, прашан за тоа како се чувствува по добивањето на „Прозарт“ наградата.

Инаку, Мирча Картареску е добитник на повеќе престижни домашни и меѓународни награди, како што е Меѓународната награда за литература Виленица 2011, Меѓународна награда за литература Берлин 2012, Награда за најдобра книга преведена во Шпанија во 2014 година, Австриската државна награда за литература (2015), Лајпцишката награда за книга за европското разбирање (2015), Наградата „Томас Ман“ во Германија (2018)…

Г-дин Картареску, добитник сте на наградата „ПРОЗАРТ“ на фестивалот ПРО-ЗА БАЛКАН. Што за вас претставува оваа награда?  

Да се биде добитник на една книжевна награда секогаш претставува радост за мене. Награда секогаш ме мотивира да продолжам со пишување, но исто така е и знак на доверба што читателите ја имаат во мене. Вака се чувствувам секогаш кога знам дека награда или признание го добивам како еден вид на почит за она што го работам. Пример за тоа е и меѓународната награда „Прозарт“, што ја добив во Скопје за време на овој многу интересен фестивал на литература, кој се одржа викендов. Им благодарам на жирито и организаторите за неочекуваната чест што ми ја направија.

Последниве години се споменувате како сериозен кандидат во трката за Нобеловата награда за литература, а вашите книги се преведени и надвор од границите на Романија. Како гледате на ова достигнување, и што е она што е потребно за еден писател да се стекне со книжевен успех од високи размери?  

Ќе треба да почекаме уште 50 години за да бидеме сигурни дека навистина сум тој што ја заслужува оваа награда од страна на Шведската академија. А тие пак, се толку таинствени што никогаш не можете да бидете сигурни. Веројатно никогаш нема да знам ништо повеќе, освен гласини. Да се ​​биде добитник на Нобеловата награда е вистинско чудо, а да се сметаш себе си за достоен за тоа, е навистина за почитување. Јас не направив ништо особено за моите книги да бидат објавени и преведени на повеќе јазици. Едноставно, ако живеете доволно долго, ќе имате можност да ги објавите сите ваши книги, да бидат преведени на многу јазици и да ги освоите сите награди.

Трилогијата „Заслепување“ е преведена на речиси сите европски јазици, а важи и за универзално книжевно достигнување. За што станува збор во оваа трилогија, и очекувавте ли ваков успех?  

Во оваа книга не се зборува за ништо повеќе освен за најосновните работи – животот, смртта, љубов, јас, светот.

Писателот всушност не може да ги раскажува своите книги, а оваа книга дури и сум ја заборавил на некој начин. Знаете, книгата ја завршив пред 14 години, но можам да кажам дека таа се уште е главниот двигател на мојата скромна флота, едно посебно уметничко дело, и книга која што многу ја сакам.

Што вас лично ве поттикна да се занимавате со пишување? 

Не можам да кажам дека нешто посебно ме поттикнува да се занимавам со пишување. Само, сметам дека сум создаден за пишување и создавање книжевни дела уште од самиот почеток, исто како што и една гитара е создадена за свирење. Сега знам дека никогаш не сум имал можност да избирам, пишувањето за мене на некој начин се подразбираше.

Која е вашата најголема инспирација за создавање на книжевни дела?  

Едно кафе на маса, и една врата помеѓу мене и универзумот. Навистина, не ми е потребно ништо повеќе. Целата инспирација се наоѓа во мене. Се што е потребно за еден писател да се издвои од останатите и да остави свој белег и надвор од границите на државата е никогаш да не се откажува од пишување.