Изложба на Ненад Тонкин во КИЦ – Скопје


КИЦ (Фото: Б. Грданоски)

Самостојна изложба на Ненад Тонкин, со наслов „Простор – тишина“, ќе биде отворена вечер во Културно-информативниот центар во Скопје со почеток од 20 часот.

Како што соопштија од организацијата, изложбата ќе биде отворена до 24 јуни.

– Изложбата со наслов „Простор – тишина“ на Ненад Тонкин се состои од ахроматски колажни релјефи изработени од архивска fine art хартија од брендот Hahnemühle. Со користење на едноставни геометриски парчиња, Тонкин создава комплексни структури и композиции што дискретно, поради дебелината и нивната поставеност на површината, растат во длабочина. Сенката што ја фрла хартијата станува рамноправен чинител во доживувањето на овие дела и токму тоа ја прави динамиката во отсуство на боја. На тој начин, апстрактната геометрија што се создава преку овие формации добива димензија на простор, што наведува создавање и на асоцијативни композиции што реферираат на ентериери, но и на пејзажни сцени. Ако релјефот е асоцијација за простор, тогаш белината и отсуството на боја е асоцијација за отсуство на звук, односно на тишина. Оттаму, изложбата „Простор – тишина“ има за цел да го води гледачот во имагинарни простори, каде низ тишината треба да прозвучи неговата лична интерпретација на делата – пишува во соопштението.

Ненад Тонкин (1978, Скопје) е магистер по ликовни уметности, област – скулптура. ќ

– Има завршено додипломски студии на Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство со подгрупа сценографија. Има завршено и додипломски студии на Педагошки факултет во Скопје, отсек предучилишно воспитание. Реализирал девет самостојни и повеќе групни изложби во земјата и во странство. Освен скулптури, работи и дизајн и изработка на театарска сценографија, цртежи, инсталации и мурално сликарство. Работел како воспитувач во градинка и како предметен наставник по ликовно образование во основно училиште. Основач е и бил член на музичката група Bei The Fish. Има компонирано музика за десетина театарски претстави, а издава и своја авторска музика под псевдонимот Mammoth & Yashem – се додава во соопштението.