Кандидат за претседател на Бугарија во посета на Македонија


 Независниот кандидат за претседател на Бугарија предложен од иницијативата „Правда за секого“ и поддржан од Демократска Бугарија, Лозан Панов, денеска ќе го посети Скопје, каде според најавите ќе има средби „со пријателите на Бугарија и со претставници на македонските Бугари на кои ќе се разговара за иднината на бугарско-македонските односи“. Предвидено е Панов да биде примен и од специјалниот владин претставник за Бугарија и поранешен премиер Владо Бучковски.  

Панов пред посетата на Скопје  рече дека „им подава рака на соседите“, оценувајќи дека оние кои односите меѓу Бугарија и Македонија ги доведоа во ќорсокак, сега го користат тоа во предизборната кампања. Тој истакна дека е подготвен да го преземе ризикот од својата постапка, бидејќи во моментов „европската иднина на регионот е тест за интегритетот на секој политичар, без разлика на која страна од границата се наоѓа“.

Панов е дециден дека „нашиот заеднички пат е Европа и за тоа прашање не треба да има ниту дали, ниту но“, додавајќи дека говорот на омраза е сериозен проблем во бугарско-македонските односи. Според Панов, проблемот е што додека Бугарија и Република Македонија се расправаат за својата историја, трета страна им ја одзема можноста да градат заедничка иднина и во случајов важи изреката „двајца се картаат, третиот користи“.