Превозниците најавија протест, Министерството ја објави анализата за новата акциза


Од крајот на февруари малопродажните цени на нафтените деривати нагло почнаа да се намалуваат. Во просек малопродажните цени на горивата во овој период кај нас поевтинија за околу 30 отсто

Поголем дел од транспортните компании имаат склучено договори со дистрибутерите на нафтени деривати од кои купуваат гориво по пониски цени од редовните, се вели во анализата на Министерството за финансии 

Доколку не се зголемеа акцизите за нафтените деривати за три денари за литар загубите во делот на вкупните приходи во Буџетот би се движеле до 65 милиони евра на годишно ниво во случај на ниски малопродажни цени и 10 отсто помали количини во промет во однос на минатата година. Пооптимистичкото сценарио, пак, предвидуваше пад на приходите од 28 милиони евра на годишно ниво во случај на високи малопродажни цени и 2 отсто помали количини во промет во однос на минатата година.

Со дополнителните три денари акциза за литар гориво, пак, во најлошото сценарио наместо 65 милиони евра, загубата ќе изнесува околу 33 милиони евра, а во оптимистичкото, можно е и надминување на приходите во однос на лани за 2,8 милиони евра при високи малопродажни цени на горивата и намалени количини на пазарот за околу 2 отсто.

Ова, меѓу другото е наведено во анализата на Министерството за финансии и на Царинската управа која послужи како основа за зголемување на акцизата за дериватите за дополнителни три денари и која вчера беше објавена на интернет страницата на Министерството.

Така, додека камионџиите од „Макамтранс“ вчера попладне добиваа насоки за денешниот протест преку фејсбук профилот на оваа групација на транспортни превозници заради зголемената акциза за горивата, Министерството за финансии ја објави фамозната анализа што ја изработи заедно со Царинската управа во која објаснува зошто сметааат дека трите денари плус акциза биле неопходни.

Од крајот на февруари малопродажните цени на нафтените деривати нагло почнаа да се намалуваат. Во просек малопродажните цени на горивата во овој период кај нас поевтинија за околу 30 отсто, што претставува намалување од 20 денари за литар за бензините и 18 денари за литар дизел гориво. Дополнително во услови на вонредна состојба и ограничување на движењето на населението, се случи и пад на потрошувачката на нафтените деривати, што директно влијаеше на намалување на буџетските приходи од акцизите.

Буџетот на државата само во март оваа година во споредба со истиоот месец лани бил покус за околу 247 милиони денари приходи, или 4,1 милиони евра, од акцизи и ДДВ, поради помалата потрошувачка на нафтени деривати и намалените цени на горивата, стои во анализата.

„Согласно анализите на податоците направени по овие две основи (потрошувачката и намалените малопродажни цени, заб.), вкупниот пад на малопродажните цени на горивата од јануари до почетокот на април оваа година за околу 30 проценти предизвика директен пад од приливот по основ на ДДВ. Само во месец март 2020 година падот на ДДВ во просек изнесува околу 19 милиони денари, додека кај дизелот изнесува околу 115 милиони денари или вкупно помал ДДВ за околу 134 милиони денари (околу 2,2 милиони евра)“, се вели во анализата.

Дополнително, во март годинава забележан е пад и на количините на нафтените деривати пуштени во слободен промет за 14 отсто кај бензините и за 11 отсто кај дизел горивото, споредено со истиот месец лани. Сето тоа придонесе за вкупен пад на приходите само од акцизите за нафтените деривати од вкупно 113 милиони денари (околу 1,8 милиони евра), стои во анализата.

Целосниот наслов на документот е „Анализа на акцизите на горивата и предлог анти-кризна мерка во насока на справување со последиците предизвикани од ковид-19“ и е достапен на следниов линк. Во него на осум страници се анализараат состојбите на пазарот на нафтени деривати кај нас и во светот и нивното влијание врз приходите во Буџетот. Министерството за финансии и Царинската управа ја правдаат мерката која ги предизвика камионџиите да ги вклучат нивните моќни возила и да протестираат низ главниот град на земјава. Главно, камионџиите сметаат дека со новите давачки им е загрозен бизнисот и бараат да се промени уредбата со која се зголемени акцизите и наместо тоа да се воведе прогресивен данок. Велат дека иако во некои од соседните земји акцизата е повисока, таму на превозниците им се враќа дел од оваа давачка.

Но, што се вели уште во анализата на Министерството за финансии и на Царинската управа?

„Цената на горивото во нашата земја е најниско во поширокиот регион и во Европа. Пониска цена во моментот има само Турција за 0,07 евра за литар. На пример, за споредба цената во Србија е повисока за 25 денари за литар, во Косово е повисока за 26 денари за литар, во Албанија за 34 денари за литар, во Грција за 38 денари за литар, а во Бугарија за 10 денари за литар“, се вели во документот.

Треба да се има во предвид дека овие споредби се со цените пред зголемување на акцизата.

Според објавените споредбени податоци, систематизирани во табела, произлегува дека на почетокот на април цените на горивата во Македонија биле најниски во споредба со 16 други земји од регионот и во ЕУ. Исто е и со висината на акцизата.

„Во нашата земја имаме и најниски износи на акцизата за дизел горивото во регионот и во ЕУ. За споредба акцизата во Србија е повисока за 14,5 денари за литар, во Косово е повисока за 7 денари за литар, во Албанија за 2,7 денари за литар во Грција за 10,1 денари за литар, а во Бугарија за 5,2 денари за литар. Во однос на минималната акциза пропишана во земјите членки на ЕУ утврдена на износ од 330 евра за 1.000 литри дизел гориво, нашата земја повторно е со најнизок износ од 245,7 евра за 1.000 литри. Исто така понизок износ има и Албанија со износ од 290 евра за 1.000 литри и БиХ со износ од 280,6 евра за 1.000 литри“, се вели во анализата.

Понатаму се додава дека и кај ДДВ исто така сме со најниска стапка од останатите земји во регионот. Пониска стапка од 17 отсто за ДДВ има само Босна и Херцеговина. Нашата земја по тој основ остварува најмал приход од ДДВ за дизел горивото од само 8 денари за литар, додека сите останати земји се над 10 денари за литар. Во делот на поврат за акцизата за дизел горивото користено во транспортни цели, износите за поврат на пример во Србија е 4,65 денари за литар при акциза од 29 денари за литар, во Хрватска е 5,1 денари за литар при акциза од 25,4 денари за литар, во Словенија 3,86 денари за литар при акциза од 28,9 денари за литар, а во Унгарија само 0,64 денари за литар при акциза од 20,5 денари за литар. Доколку и овие износи се вкалкулираат во износот на акцизите за дизел горивото, повторно нашата земја има најнизок износ на акциза за дизел горивото во регионот и пошироко, стои во анализата.

Инаку, токму враќањето на дел од акцизата беше еден од аргументите на превозниците зошто сметаат дека мерката на Владата е неправедна кон нив.

Во документот стои и дека оваа практика во периодот на прилагодување на нашето со законодавството со ЕУ, ќе мора да се примени и кај нас, но тоа ќе повлече дополнително зголемување на акцизата за дизелот.

„Воспоставувањето на систем за поврат на акциза за гориво користено во транспортни цели треба да се усогласи со Директивата 2003/96/ЕЗ, при што претходно треба да се воспостави и минимален износ на акциза од 330 евра за 1.000 литри дизел гориво, што би значело минимален износ на акциза за дизел гориво од 20,3 денари за литар односно зголемување од 5,2 денари за литар во однос на износот од 15,121 денари за литар. Поврат се воспоставува на разликата од минималниот и од пропишаниот, кој по логика треба да е повисок од 330 евра за 1.000 литри, односно повисок од 20,3 денари за литар. Како земја која стапува во преговори за влез во ЕУ, усогласувањето на европското законодавство треба да се почитува и соодветно да се имплементира во периодот кој следи, но претходно уредувајќи ги и останатите состојби во делот на местата за продажба и дистрибуцијата на горивата за транспорт во земјата“, стои во анализата.

Слична е состојбата и со бензините. Како што се наведува во документот, во соседна Србија цената е 73 денари за литар бензин, во Косово 74 денари за литар, во Албанија 82 денари за литар, во Бугарија 58 денари за литар, а во Грција 85 денари за литар. Во однос на акцизите за бенизините, тие се пониски единствено во БиХ за 2,3 денари за литар и во Косово за 1 денар за литар. Во Србија акцизата за бензините е повисока за 8,2 денари за литар, во Албанија за 2,9 денари за литар, во Грција за 21,9 денари за литар, а во Бугарија за 1,2 денари за литар.

Во анализата исто така се објаснува и механизмот според кој дополнителната акциза ќе се намали или укине во зависност од движењето на цените на дериватите.

„При зголемување на цените механизмот ќе ја намалува акцизата и ќе ги одржува разликите во малопродажната цена на ниво кое нема да влијае негативно на малопродажните цени на горивата“, стои во анализата.

Во неа уште се додава и дека поголем дел од транспортните компании во нашата земја имаат склучени договори со поголемите дистрибутери на нафтени деривати на нашиот пазар.

„Со овие договори тие купуваат гориво по пониски цени од редовните, при што договорените малопродажни цени се движат од 3 до 6 денари пониски од редовните, па повторно останува вкупна разлика од околу 7-9 денари во однос на малопродажните цени пред почетокот на кризата, што овозможува баланс на приходите и расходите поврзани со потрошувачката на горивата имајќи ги предвид и цените на горивата во регионот и пошироко, се вели во анализата.

Според изготвувачите на анализата, позитивен аспект кој оди во прилог на воспоставување на антикризна мерка во услови на пад на цената на нафтените деривати на светските берзи е моментот на драстичен пад на малопродажните цени на горивата од 20 денари за литар бензин и 18 денари за литар дизел гориво, а кои повторно се најизразени во нашата земја во однос на земјите во регионот.

„Во целата кризна ситуација, тоа е позитивен аспект кој директно овозможува стопанството и населението и покрај зголемување на акцизата да ги почуствуваат намалувањата на цените на горивата и да направат соодветни заштеди во рамки на своите стопански активности, а буџетските приходи во услови на криза делумно да бидат надополнети, се вели во анализата на Министерството за финансии и на Царинската управа. (M.J.)