Каматите и главнината за долговите лани изнесувале 837 милиони евра, поради злоупотреби кон ИПА вратени 1,7 милиони евра

Европската канцеларија за борба против измама, ОЛАФ, спровела истрага за фирма-добавувач за два договори во рамките на децентрализираниот систем за управување со ИПА, се вели во ревизорскиот извештај на ДЗР за Министерството за финансии


Лани државата исплатила 51.479.391.000 денари (околу 837 милиони евра), за отплата на камата и главнина по основ на странски и домашен долг, од кои 42 милијарди денари (688 милиони евра) за странски долг и 9,14 милијарди денари (148,7 милиони евра) за домашен долг. Ова го покажува Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година на Министерство за финансии – функции на државата, на Државниот завод за ревизија, објавен денеска.

Истовремено, за трошоци за провизии за извршени отплати од девизна сметка за надворешен долг, плаќање по гаранции на државата согласно склучени договори за задолжување во странство лани биле исплатени 8.662.213.000 денари или околу 140,8 милиони евра.
„Во текот на 2021 година од Основниот буџет на РСМ, раздел МФ – Функции на државата исплатени се средства во вкупен износ од 60.244.398 илјади денари. Согласно Законот за извршување на Буџетот за 2021 година е уредено дека исплатата на средствата од разделот МФ – Функции на држава се врши без одобрување на финансиски план со Одлуки на Владата на РСМ и со финансиски план (право на трошење) кога средствата се одобруваат на друг буџетски корисник“, констатираа ревизорите.

Во извештајот на ревизорите се посочува и дека Македонија минатата година исплатила 1,754 милиони евра од државниот Буџет кон ИПА фондовите на ЕУ, заради утврдени нерегуларности во 2016 година.
Станува збор за истрага која ја спровела Европската канцеларија за борба против измама, ОЛАФ, а се однесува на Договор за Техничка помош на Министерството за информатичко општество и администрација, и зајакнување на имплементацијата на националниот систем за координација на обуки, од 14.04.2013 година, финансиран преку Програмата ТАИБ 2009 чиј корисник е МИОА и Договор за Имплементација на регулативата за взаемно признавање на професионалните квалификации, од 19.11.015 година, финансиран преку Програмата ТАИБ 2011 чиј корисник е Министерството за образование и наума (МОН).

Ревизорите посочуваат дека Согласно Рамковната спогодба помеѓу нашата држава и Европската комисија во однос на финансиската помош од ИПА фондовите, склучена во 2007 година, секој докажан случај на неправилност или на измама, откриен во кој било период додека се спроведува помошта според ИПА или како резултат на некоја ревизија, ќе води кон враќање на средствата од Корисникот (РСМ) на Европската комисија.

Во извештајот на ДЗР се наведува дека во 2016 година од страна на Европската канцеларија за борба против измама, ОЛАФ, спроведена е истрага за фирма-добавувач, која има склучено два договора во рамките на децентрализираниот систем за управување со ИПА.
Истрагата е финализирана во 2019 година и е издаден финален извештај, во кој е констатирано дека РСМ треба да изврши поврат на вкупно исплатените средства за двата договори од ИПА делот, во вкупен износ од 1,754 милиони евра.

„Истакнуваме дека од Буџетот на РСМ на фирмата-добавувач исплатени се дополнителни 194.916,88 евра како национално ко – финансирање. Поради утврдените нерегуларности од страна на ОЛАФ во текот на 2021 година врз основа на Одлука на Владата од разделот МФ – Функции на државата извршен е поврат на средствата кон Европската Комисија во износ од 108.229 илјади денари односно 1,754 милиони евра“, констатираа ревизорите.

Притоа се додава дека согласно Рамковната спогодба, државата исплатените средства кон Европската комисија треба да ги наплати од оние кои извршиле измама или добиле корист од истата согласно одредбите пропишани во националните закони.

Во текот на 2020, 2021 и 2022 година Министерството за финансии презело активности за известување и доставување на целокупната документација во врска со настаната состојба до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и до Државниот правобранител на, со цел спроведување на постапки за поврат на средствата во Буџетот, по што од страна на Основниот кривичен суд поведена е кривична постапка.
Исто така, како што наведуваат државните ревизори, во текот на ревизијата од страна на Министерството за финансии преземени се активности и доставено е писмо до Државното правобранителство, со кое побарана е информација за статусот на постапката.

Ревизијата во извештајот вели дека е потребно обезбедување на договорите за техничка помош, во насока на склучување на акти/договори со корисниците на помошта, со извршна клаузула со сила на нотарски акт, со што ќе се обезбеди непречен поврат на средства во Буџетот, во случај кога по констатирани неправилности или измами, откриени од страна на Европската канцеларија за борба против измама ОЛАФ, средствата кон Европската Комисија се вратени од Буџетот на РСМ, како и дека треба да се интензивира меѓусебната комуникација и координација помеѓу надлежните институции, со цел реализација на активности за поврат на средствата во Буџетот на РСМ и утврдување одговорност за настаната состојба.

Ревизорите исто така посочуваат дека е потребно доуредување на Законот за Развојната банка на Северна Македонија односно допрецизирање на член 13, во насока на регулирање на правото на субвенционирање на камата од средства од Буџетот на РСМ, при задолжување на РБСМ кај надворешни кредитори.

Целиот извештај на следниот ЛИНК.

(М.Ј.)