Калин: Турција соодветно ќе одговори на нападот во Ербил


Турција на соодветен начин ќе им одговори на оние кои го извршија издајничкиот напад врз турските дипломати во Ербил, главниот град на автономниот регион Курдистан, на северот од Ирак, напиша денеска на Твитер Ибрахим Калин, портпарол на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Тој наведе дека се во тек напори за фаќање на напаѓачите, пренесоа американските медиуми.

Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека, заедно со ирачките и локалните власти, продолжува да работи на пронаоѓање на напаѓачите.

Заменик турскиот конзул во Ербил, е еден од тројцата турски дипломати кои загинаа во нападот врз ресторан во главниот град на Курдистан, соопштија курдски безбедносни претставници.

Во нападот на ресторанот загинал и еден врабитен во конзулатот, соопшти турското МНР.

Вооружени напаѓачи отвориле оган врз ресторан во кој турските дипломати редовно јаделе.

Курдските безбедносни сили го блокирале подрачјето околу ресторанот и трагаат по напаѓачите.

Според очевидец на настанот, еден напаѓач влегол во ресторанот и почнал да пука, а потоа побегнал со автомобил што го чекал пред ресторанот.

Турската агенција Анадолија соопшти дека во нападот загинал заменик конзулот и неколку лица од неговата придружба.

Претходно турските медиуми јавија дека во нападот загинале две лица, а трето е повредено.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.