Кали го отвори 36. Макфест во Штип


Вчера вечер започна триесет и шестото издание на Фестивалот на музика „Макфест“, на отворената сцена поставена во спортско-рекреативниот центар „Аква бела ресорт“ во Штип. Честа да го отвори овогодинешното издание и припадна на Калина Велковска – Кали.

Кали, која веќе долги години е на музичката сцена, оваа година реши да се претстави и на Макфестовската сцена, со една многу поинаква музичка нота. Покрај настапите кои ги има досега, како на светското талент шоу „The Voice“, дел од евровизиските тимови и дел од многу различни концерти, оваа година Калина за свој музички предизвик го има настапот на „Макфест 2021“.

„4“ е уникатна композиција со лична нотна приказна, која буди емоции. Музиката и текстот на песната се дело на Сара Мејс, додека пак аранжманот и аудио продукцијата се на Иван Петровски, а режијата му беше препуштена на Зоран Зонде Стојановски.

Калина Велковска – Кали со својата композиција „4“ ги освои жирито и публиката и успеа да се пласира во финалната вечер на „Макфест 2021“ заедно со Александар Јосифовски, Виолета Арсовска, Рахела Такашманова и Марија Данева кои ќе бидат во трка за некоја од наградите.

Првата награда изнесува 5.000 евра, втората награда ќе биде 3.000 евра, додека третопласираниот ќе добие парична награда од 1.000 евра.

Вечерва ќе настапат неколкукратнaта победничка на „Макфест“ Александра Јанева, Мартинијан Кириловски, потоа Роберт Билбилов, Ѓоко Таневски, Интервали, Лара, Пепа,Eye Cue, Александар Митевски и Драган Спасов –Дац, заедно  со “Brasstet Skopje”.