Како се појавија дезинформациите дека Украинците убиле 13.000 цивили во Донбас?


Повеќе од 13.000 украински граѓани загинале во Донбас од 2014 година во гранатирањето  од страна на украинската армија, тврдат десетици написи споделени повеќе од 26.000 пати на Фејсбук. Коментарите покажуваат дека некои корисници на социјалните мрежи го гледаат ова како број на цивили убиени од украинските сили во двата сепаратистички региони. Сепак, ова е погрешно резиме на билансот на ОН за жртвите од конфликтот, кој всушност вклучува и цивилни жртви и убиени украински и проруски војници.

Според невладините организации и Меѓународниот кривичен суд, насилството и бомбашките напади се дела на двете страни, не само на Киев.

„Француски новинар: Украинската влада ги бомбардира сопствените граѓани во Донбас“.

Од 4 март се објавени најмалку 11 написи со овој наслов во кој се вели дека француски новинар, кој поминал неколку години во Донбас, опишал како украинската влада ги уништува своите граѓани кои зборуваат руски веќе осум години.  Притоа се цитира новинарката Ен-Лор Бонел која вели „Ова  трае осум години. 13.000 мртви. 13.000!“! Убиени 13.000 Украинци!“ – гласи насловот на друга публикација.

Откако беа објавени на Фејсбук, овие написи беа споделени повеќе од 26.000 пати само во последните неколку дена. Тие се споделуваат  во групи и страници кои дистрибуираат про-Кремљ содржини. Основата на овие публикации е разговорот меѓу новинарите Ан-Лор Бонел и Паскал Проуд на францускиот канал CNews на 1 март, само неколку дена по руската инвазија на Украина.

„За овој конфликт зборуваме една недела, но тој трае осум години, има 13.000 жртви, луѓето се исцрпени“, рече новинарот, кој е автор на документарниот филм „Донбас“ од 2016 година. „Не потсетивте дека бомбардирањето беше украинско? – го прекинува домаќинот. „Апсолутно. Населението на Донбас во 2014 година беше нападнато од сопствената влада, населението што зборува руски беше бомбардирано од владата на Киев, ги имам сите докази, тие се неспорни“.

Ова интервју се шири како аргумент за одбрана на руската инвазија на Украина и како доказ дека украинската армија од 2014 година убила 13.000 цивили. „ Ја обвинуваме руската армија, а нашите медиуми не ги прикажуваат овие факти“, беше еден од коментарите на социјалните мрежи. „Сега можеме да видиме кој е агресорот, Русија го брани својот народ. Ова е единствената земја која  започна војна само за да заштити некого“, напиша друг.

Што точно се случува во Донбас?

Регионот во источна Украина е епицентарот на конфликтот што избувна во 2014 година откако Москва го анектираше украинскиот полуостров Крим. Анексијата не беше призната од меѓународната заедница, а на Москва и беа воведени санкции. Во источните региони на Донбас, Доњецк и Луганск, кои граничат со Русија, се појавија проруски сепаратистички движења. Самопрогласувањето на двете републики предизвика интензивен вооружен конфликт. Киев и Западот ја обвинија Русија дека ги поддржува бунтовниците со испраќање луѓе и оружје. Москва демантираше, признавајќи го само присуството на руски „волонтери“ во Украина. Со потпишувањето на мировните договори од Минск во 2015 година, тензиите се намалија. Од каде доаѓа бројката од 13.000 жртви, спомнати од Ен-Лор Бонел, а потоа споделени на социјалните мрежи?

„Влогот е голем за 45-милионска земја, која сонува еден ден да и се приклучи на Европската унија. Украина е заглавена во зовриен конфликт со сепаратистите на индустрискиот исток, во кој загинаа 13.000 луѓе“, се вели во написот во 2019 година со кој се пренесува изјава на тогашниот кандидат за претседател на Украина, Володомир Зеленски. Истата бројка е јасно наведена и во извештајот од март 2020 година на Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации  за ситуацијата во Украина.

„ Вкупниот број на жртви од конфликтот во Украина (од 14 април 2014 година до 15 февруари 2020 година) се проценува од 41.000  до 44.000: Од нив околу 13.000 се убиени, при што најмалку 3.350 се цивили, приближно 4.100 се членови на украинските вооружени групи и околу 5.650 се членови на вооружени групи, се вели во извештајот во детали. Ист број на жртви – „најмалку 3.000 загинати и илјадници повредени меѓу цивилното население“ – се наведува и во извештајот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) објавен кон крајот на 2020 година.

„Најголем број жртви е регистриран во првата година на конфликтот , пред имплементацијата на договорот за прекин на огнот Минск II потпишан во февруари 2015 година, но бројот на жртвите продолжува да расте, особено меѓу цивилното население, поради употреба на артилериско и мало оружје“, се додава во документот. 

Според тоа, не се сите 13.000 загинати во конфликтот цивили, како што оставаат впечаток публикациите. Ова е погрешно, бидејќи според ОН, од 13.000 убиени, речиси 10.000 се бореле од двете страни во конфликтот, поточно едни против други. За периодот 2014-2021 година, ОН проценуваат дека бројот на загинати е 14.200 луѓе, вклучително и 3.400 цивили, а оваа бројка вклучува 283 жртви од падот на авионот МХ17 во 2014 година во Украина, во чие уривање Москва негираше дека била вклучена.

Имаше ли „воени злосторства“ и „геноцид“ во Донбас?

Префрлањата само на властите во Киев на  жртвите од  конфликтот во источна Украина беше тактика на руските власти во последните години и беше повторено од Владимир Путин на 24 февруари, кога го најави започнувањето на „специјална воена операција“. Целта, рече тој, е „да се заштитат луѓето кои осум години се соочени со тортура и геноцид од режимот во Киев. За таа цел, ќе се обидеме да постигнеме демилитаризација и денацификација на Украина, како и да ги изведеме пред лицето на правдата оние кои извршиле многу крвави злосторства врз цивили, вклучително и граѓани на Руската Федерација“, рече лидерот на Кремљ.

Која е реалноста?

Различните извештаи објавени во последниве години од независните невладини организации претставуваат многу поинаква слика од оваа на Путин. Во нив одговорноста е споделена меѓу украинскиот и прорускиот табор.

„Сите страни во конфликтот се рамнодушни кон животите на цивилите и грубо ги игнорираат нивните меѓународни обврски“, предупреди Амнести интернешенел во септември 2014 година.

„Цивилите во Украина заслужуваат заштита и правда. Без темелна и независна истрага, постои реален ризик дека Украинците ќе го носат белегот на оваа војна за генерациите што доаѓаат“, рече тогаш групата за човекови права.

Во 2019 година, Хјуман рајтс воч објави извештај во истата насока. „Двете страни извршија неселективни или намерни напади врз училиштата и ги користеа за воени цели“, велат од невладината организација.

Во декември 2020 година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) нагласи дека одговорноста е споделена, истакнувајќи дека станува збор за вооружен конфликт „во кој и двете страни постојано користат тешко оружје, дури и во населени области“. Фату Бенсуда, обвинител на МКС во тоа време, коментираше дека во оваа фаза има „добра причина да се верува дека во ситуацијата во Украина се извршени широк спектар на воени злосторства и злосторства против човештвото во рамките на јурисдикцијата на Судот“.

Конкретно, МКС напиша: „Врз основа на достапните информации, постојат разумни основи да се верува дека најмалку овие воени злосторства се извршени од 30 април 2014 година во контекст на вооружениот конфликт во источна Украина –  „намерно таргетирање цивили или цивилни објекти“, „намерно таргетирање заштитени згради“ и „тортура и нечовечко/сурово постапување“. На 28 февруари 2022 година, наследникот на Фату Бенсуд на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, потврди дека има „разумна основа за покренување истрага“.

„Со оглед на ескалацијата на конфликтот во последните денови, имам намера во оваа истрага да ги вклучам сите нови наводи за злосторства кои спаѓаат во јурисдикција на мојата служба, извршени од која било страна во конфликтот во кој било дел на Украина“, рече тој.

Подоцна, 39 земји се приклучија на случајот, кој беше доделен на претходна постапка на судот. Броењето на жртвите во Донбас заврши со најновата воена агресија на Русија во која жртвите се уште не се целосно утврдени но се стравични, а воените злосторства неколку нивоа поголеми и речиси  исклучиво од руската страна, бидејќи  употребува недозволени оружја и масовно гранатира населени места, болници, училишта и слични цивилни цели.  Откако почна војната, федералното обвинителство на Германија започна истрага за сомнежи за воени злосторства извршени од страна на руските војници изминатите две недели, а сличен процес почна и во Шпанија. Во моментов во Донбас речиси и не се води војна, бидејќи главните битки се за големите градови надвор од овој регион, каде што ниту имало воени жртви, ниту имало воени насилства. Уште повеќе најмногу на удар на руските сили се најде Харков, град во кој во најголем дел живеат Руси, а сега Мариупол каде што бројот на Руси и Украинци е речиси ист, а на удар на гранатирањата се и едните и другите.