Каде заглави изградбата на пречистителната станица за Битола


Битолчани на социјалните мрежи му искажуваат поддршка на таткото што го уби поранешниот зет

Пречистителната станица треба да се финансира преку проектот ИПА 2. Нејзината вредност изнесува 28,7 милиони евра. Но работите никако да тргнат

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Некаде закочи или воопшто не започна изградбата на новата пречистителна станица за Битола, која треба да се гради во атарот на селото Долно Оризари?!

За проектот насловен „Изградба на пречистителна станица со колекторски систем за агломерација Битола“, Општина Битола веќе подолго време нема новини, па опозицијата обвинува дека локалната власт ја комплицирала постапката за изградба со што доцни проектот. Со пречистителната во првата фаза требаше да се третираат отпадните води од Битола и селата Долно и Горно Оризари, Кравари, а додека во втората фаза предвидено беше опфаќање и на селата Карамани, Буково, Лавци и Брусник.

„Еден од позначајните готови проекти кои ги наследи оваа локална власт и кој до овој момент требаше да биде готов, беше изградба на пречистителна станица со колекторски систем за агломерација Битола. Со овој проект треба да се овозможи прочистување на реката Драгор, преку 90 проценти прочистување на Петтиот канал. И покрај обезбедени финансиски средства од ИПА 2, локалната власт во Битола од причини познати само на неа, го комплицира и доцни со реализацијата на проектот“, обвинува советникот во Советот на општина Битола од редовите на ПОДЕМ, Николче Јанкуловски.

Потпирајќи се на поранешни изјави на градоначалничката Наташа Петровска и поранешните министри Драган Тевдовски и Садула Дураку, Јанкуловски вели дека изградбата на станицата се планирала да биде завршена за две години, по што требало да следува едногодишен период на пробно ставање во функција, „но и по две години Битола ја нема ветената пречистителната станица, за што битолчани очекуваат понесување на одговорност на актуелната локална власт“, вели Јанкуловски.

Според достапните информации објавени на страницата на Општина Битола за пречистителната станица (вкупната проектирана вредност за проектот изнесува 28,7 милиони евра), таа треба да биде финансирана од ИПА 2 оперативната програма за заштита на животната средина и климатски промени 2014–2020.

„Според проектираната динамика, изградбата се планира да биде завршена за две години, по што ќе следува едногодишен период на пробно ставање во функција со цел отстранување на евентуални дефекти или други проблеми, по што објектот ќе биде предаден на Општина Битола. За да може да отпочне конкретната реализација на тендерските постапки и да се пристапи кон изградба на пречистителната станица, Општина Битола од сопствениот буџет обезбеди средства за експропријација на земјиштето“, пишува на страницата на Општина Битола, во вест објавена лани.

 

 

Според најавите, пречистителната станица ќе треба да биде поделена во два лотови, односно првиот лот ќе биде за проектирање и изградба на пречистителна станица за отпадни води за Битола, а вториот ќе биде изградба и реконструкција на колекторски систем.

Во меѓувреме, во летото се доизгради помала пречистителна станица кај селото Трново во Потпелистерието со средства од ЕУ преку УНДП во висина од над 9 милиони денари. Таму се направи технички прием и сега интензивно се работи на терен на изведба на главниот колектор и секундарната канализација во селото Трново. Во иднина оваа пречистителна треба да ги опфати и фекалните води од село Магарево.

„Колекторскиот систем заедно со испустот е 2.029 метри, којшто ќе овозможи отпадните води кои што досега не беа третирани од Потпелистерието да бидат опфатени како што доликува и како што налагаат светските стандарди. Ова покажува дека вршиме навистина сериозен пристап кон понатамошниот развој на потпелистерието во однос на туризмот“, смета градоначалничката Наташа Петровска.

Сепак она што недостасува на Пелистер е пречистителна станица која ќе ги собира отпадните води од хотелот „Молика“ и поранешното детско одморалиште до селото Трново. Во моментот хотелот „Молика“ и Детското одморалиште, кое со години е надвор од функција, имаат сопствена мини пречистителна станица, односно септичка јама. Доколку се направи пречистителна станица за тие локации ќе се елиминира загадувањето на подземните води на Пелистер во тој дел.