„Јутарњи лист“: ЕУ изневери многу земји, но Македонија речиси ја уништи


ЕУ веќе два дена не реагира на новонастанатата ситуација во Северна Македонија.  Оставката на премиерот ја менува целокупната политичка ситуација не само во Македонија, туку и пошироко

 

Европската унија изневери многу земји, но речиси уништи една. Неспорно е дека за евентуални нови тензии во Северна Македонија и за политичката нестабилност одговорна е – и Европската унија

Македонскиот премиер или премиер на Северна Македонија (државата беше принудена да го смени името со надеж дека ќе ги отвори вратите за интеграција во ЕУ) Зоран Заев поднесе оставка откако неговата партија претрпе тежок пораз на локалните избори. На прв поглед изгледа како разумен чин, доказ за одговорност за неуспех, што не е некоја карактеристика на политичарите на Балканот. Лидерот на партијата е најзаслужен кога победува, но и најодговорен кога губи. Сепак, оставката на Заев има значително поширок контекст.

Таа доаѓа во време кога за Северна Македонија повторно е блокиран патот кон ЕУ. Овојпат тоа го направи Бугарија со која се расправаат за идентитетски прашања, вклучително и етничката припадност на некои историски личности. На пример, дали Гоце Делчев е македонски или бугарски. Одговорот на ова прашање во моментов е најголемата пречка во процесот на проширување на Европската унија, не само за Северна Македонија туку и за Албанија. Зашто, ако Бугарија ја блокира Македонија, тогаш некои други земји од ЕУ не се согласуваат пристапните преговори да се отворат само со Албанија. И така целиот процес стои.

Иако на локалните избори темите се поврзани со општинските прашања, квалитетот на градинките и училиштата, градскиот превоз, коловозот, осветлувањето на населбите, реставрацијата на канализацијата, грижата за отпадот, во Северна Македонија тие имаа и национална и меѓународна конотација. Реформската влада на Зоран Заев беше обвинета за предавство на националните интереси. Оваа влада, надевајќи се дека ќе ја отстрани и последната пречка за отворање на преговорите со ЕУ, се согласи да го смени името на државата. И навистина Грција ја отстрани својата блокада во ЕУ. Сепак, следеше блокада од Бугарија. А, ако му верувате на Брисел, спорот со Бугарија е единствената пречка.

Тешко е да се поверува дека Бугарија навистина би можела да го спречи отворањето на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, што е само првиот чекор кон интеграција, доколку немаше тивка согласност од некои други земји. Ако Германија и Франција навистина се грижеа за отворање на овие преговори, ова ќе се случеше. Сега би имало начин Бугарија доброволно да ги отвори преговорите, а во текот на процесот да се решаваат отворените билатерални прашања. Но ниту еден компромис за 15 години не беше доволен за ЕУ ​​да го исполни ветувањето. Значи, залудна беше жртвата што ја даде владата на Зоран Заев. И нема назад, бидејќи старото име на државата веќе не може да се врати, иако на локално ниво некои нови победници најавуваат дека ќе го тргнат името „Северна Македонија“ од документите и ќе ја вратат само „Република Македонија“. 

Вака ЕУ ја остави Македонија настрана, не ги исполни очекувањата и не ги исполни не само ветувањата туку и јасните обврски. ЕУ досега изневери и други земји, но ниту една како Северна Македонија. На почетокот на овој век, Македонија беше прва од земјите од регионот на патот кон ЕУ, пред Хрватска. Прва имаше договор за стабилизација и приклучување. И додека Хрватска го заврши тешкиот пат до членството и влезе во ЕУ пред повеќе од осум години, дури и претседаваше, сега Северна Македонија сѐ уште го чека првиот чекор, отворање на преговорите.
Во меѓувреме, Северна Македонија е помината и од други земји. Црна Гора не постоеше ниту како држава кога Македонија го доби кандидатскиот статус и сега води во процесот на проширување. Србија одамна ја надмина Македонија, а сега тоа може да го направи и Албанија. Зашто, ако не види перспектива за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје, ЕУ ќе отвори преговори со Албанија за да не ја кочи со Македонија.

ЕУ веќе два дена не реагира на новонастанатата ситуација во Северна Македонија. Можете да се разбере ставот да не се коментираат резултати од изборите, особено локалните. Но, оставката на премиерот ја менува целокупната политичка ситуација не само во Македонија, туку и пошироко. Прашање е дали сегашната коалиција ќе продолжи да владее со нов премиер или ќе се оди на реконфигурација, а потоа на нови избори. Избори ќе има и во Бугарија, трети по ред, а по нив тешко дека ќе има решение за спорот со Северна Македонија. Ќе биде уште потешко ако има нови избори во Македонија. Притоа, меѓуетничките односи во Македонија сè уште се чувствителни.

Европската унија досега побара од Македонија, но и од сите земји кандидати или потенцијални кандидати, реформи, борба против корупцијата и исполнување други услови. Во меѓувреме, поранешниот македонски премиер Никола Груевски, обвинет за корупција, доби азил во ЕУ, од каде што доаѓа актуелниот комесар за проширување. Има многу апсурди во односите меѓу Европската унија и Северна Македонија. Но, несомнено е дека за евентуални нови тензии во земјата и за политичката нестабилност одговорност сноси и Европската унија. (Јутарњи лист)