Јанша ја напаѓа ЕУ, а потоа оди да планинари со Борел


Јанез Јанша, контроверзниот словенечки премиер, ја помина минатата недела во расправии со институциите на ЕУ, а потоа викендот планинареше со Жозеп Борел, шефот за надворешна политика на ЕУ.

Фотографии и видео-снимки се појавија во саботата и на нив се гледа како Јанша и Борел ги искачуваат словенечките планини заедно, предизвикувајќи збунети реакции во Брисел – особено меѓу социјалистите – само два дена откако Словенија го презеде претседателството на Советот на ЕУ.

Тоа беше необично партнерство со оглед на тоа што Јанша беше во низа судири со претставници на ЕУ. Шефот на Зелениот договор на ЕУ, високо профилираниот социјалист Франс Тимерманс, минатата недела одби да се појави дури и на групна фотографија со словенечките министри, откако Јанша ја искористи инаугурацијата на претседателството со ЕУ за да ги обвини своите противници за политизација на словенечкото судство.

Јанша треба да се појави во вторник во Европскиот парламент и се очекува дека тоа ќе биде возбудлива дебата за приоритетите на словенечкото претседателство, за слободата на медиумите и владеењето на правото. Истиот ден во 11:45 часот има заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на парламентот Давид Сасоли.

Многу (главно левоцентристички) европратеници изјавија дека ќе го испрашуваат Јанша за време на неговиот настап во парламентот. „Ни претстојат шест важни месеци и ни треба лојален брокер во рамките на Советот и парламентот“, изјави европратеничката Ираче Гарсија, водач на социјалистичката група.

Се очекува централно-десничарската Европска народна партија да биде главно тивка, затоа што партијата на Јанша е нејзина членка и не сакаат да ѝ ја поткопуваат положбата во нестабилната политичка клима во Словенија.