Извозниците ќе можат да продаваат во странство 70 отсто од брашното


Правните и физичките лица кои се извозници на брашно од пченица и наполица, во текот на еден месец ќе може да извезуваат до 70 отсто од вкупно произведената количина на брашно од пченица и наполица во претходниот месец, а 30 отсто да остане за потребите на домашниот пазар, одлучи денес Владата на 34-та седница, на која беше донесена Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за ограничување на извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица.

Ваквото ограничување ќе се спроведува по пат на издавање на дозволи од Министерството за економија преку едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки-ЕХИМ, под име на лиценца Е004 МЕ.

Извозникот на брашно од пченица и наполица е должен пред да поднесе барање за издавање на дозвола, во Министерството за економија ќе треба да достави доказ (финансова материјална картичка) за вкупно произведената количина и продадената количина на домашниот пазар на брашно од пченица и наполица.

Денес Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со која на трговците на агруми свежи или сушени и тоа: портокали, мандарини, клементини, грејпфрут и лимони, им се забранува да вршат трговија на мало на крајни потрошувачи во објектите кои се наменети за трговија на големо на овие стоки (магацини, складови за трговија на големо, на пазарите за трговија на стоки на големо, како и во други деловни простории кои ги исполнуваат условите пропишани со закон и друг пропис).

Одлуката е на предлог на Државниот пазарен инспекторат, бидејќи инспекторите констатирале дека на терен трговците на големо вршат манипулација и прикажуваат промет остварен во најголем дел од трговија на мало, а не од трговија на големо иако истите не располагаат со продажни објекти наменети за трговија на мало.