Извештај на Транспортната заедница: Фокус на безбедноста во сообраќајот, модернизација на железницата и одржливост на патиштата
Транспортната заедница порачува државата да се фокусира на активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот со продолжување и надградба на проектот „Безбеден град“ и координиран пристап од сите фактори во општеството. Оценките на Транспортната заедница, чии извештаи денеска беше презентирани во Собранието, се дека има подобрување во изградбата на патната инфраструктура со укажување да се планира и нејзиното одржување. Неопходно е да се работи на изградба и модернизација на железницата, каде како значајно се потенцира надминувањето на проблемот за железничкото поврзување со Бугарија по потпишувањето на договорот за изградба на меѓуграничниот тунел, како и пуштањето на првата од трите делници од пругата Скопје – Софија.
– За да се постигне целосна интеграција на транспортните пазари од Западен Балкан во Европската Унија, реформите и проектите треба да одат рака под рака – порача директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, на презентацијата на клучните наоди од годишните извештаи за 2025 година на Транспортната заедница пред собраниската Комисија за европски прашања.

Напредокот во секторот железница е 62 проценти, што, појасни Закоњшек, значи дека 62 проценти од акциските планови за периодот од 2025 до 2027 година веќе се постигнати. За патиштата има напредок од 52 проценти, 44 проценти за безбедност на патиштата, 29 проценти за олеснување на транспортот, 36 проценти за безбедност и права на патниците. – Овие проценти треба да стасаат приближно до 100 или да бидат 100 проценти до 2027 година – рече Закоњшек.
Препораките во делот на железничкиот сектор се либерализација на пазарот, нов закон за безбедност на железничкиот сообраќај, ново национално тело за истражување несреќи.
Кај патниот сектор се констатира дека се напредува добро за 10-годишната стратегија за развој и одржување на државните патишта.
– Гледаме дека новите проекти се испорачани, но финансирањето за одржување не е испланирано навреме и треба да се има повеќегодишен план за одржување. Препораките за патниот сектор се фокусираат и на ревидираниот закон за поставување на интелигентните транспортни системи. Кога зборуваме за безбедност на патиштата, новиот систем „Безбеден град“, кој почна годинава, е клучен елемент затоа што знаеме колку сообраќајни несреќи се случуваат, особено во градовите. Во Северна Македонија просекот е 77 смртни случаи на милион жители и во целиот регион е доста повисок од просекот во ЕУ. Затоа фокусот е на безбедноста и целта не е да се намали на 45 или 30 или 20 смртни случаи, туку на нула. Тоа е можно со примена на пристапот безбеден систем, што значи дека целото општество работи заедно. Треба да има тело за координација или агенција за безбедност на патиштата. Препораките се и да се подобрат податоците за безбедност на патиштата и да се собираат податоците на ист начин како во Европската Унија – да усвоите закон за безбедност на патиштата и да ја операционализирате агенцијата за безбедност на патиштата – наведе Закоњшек.
Можеме, како што укажа, да имаме модерни патишта, но ако автомобилите, автобусите и возовите чекаат предолго на границите нема да се постигне ефектот и затоа е потребна соработка. Во таа насока се препораките за олеснување на транспортот, со кои, меѓу другото, се укажува да се имплементира контролната точка на ГП Ќафасан и да се зголеми капацитетот на персоналот.
Како што оцени Закоњшек, Северна Македонија е поврзана земја преку коридорите што минуваат низ неа, кои се модернизираат за да функционираат како што треба. Во железницата, посочи, имаме 58 километри обновени проекти и 365 километри на проекти што се подготвуваат, а некои делови веќе се почнати.
– Вредноста на овие проекти е 1,15 милијарда евра и фокусот е ставен на модернизација на железничката мрежа, која долго време беше запоставена и треба да се фокусираме на ова доколку сакаме модерен железнички транспорт и мултимодална мрежа. Од минатата година имаме нова делница на Коридорот 8, која беше ставена во употреба, и имаше договор помеѓу Северна Македонија и Бугарија за тунелот, што е значајно постигнување. Состојбите кај поголемиот дел од железничката мрежа се во црвена боја, што значи дека треба да се подобри. Патните проекти добро напредуваат, потрошени се многу пари во изминатиот период, претстојат уште проекти – 190 километри, што се во изградба или реконструкција. Усогласувањето на патната мрежа во однос на железничката е доста подобра, но има делови што треба да бидат завршени или направени – рече директорот на Транспортната заедница.
Во регионот, укажа, ниеден аеродром нема директна железничка поврзаност и тука прва ќе биде Тирана, па Белград. Исто така, нема капацитети за складирање горива, а аеродромот во Скопје нуди услуги за алтернативни горива и тоа е чекор во вистинска насока.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, во своето обраќање истакна дека транспортната политика е дел од Кластерот 14 и претставува значаен сегмент во евроинтегративниот процес, при што Транспортната заедница е важен и стабилен партнер. Тој се осврна и на напредокот на Коридорот 8 посочувајќи дека е во фаза на изградба по надминување на претходните предизвици.
Воедно, Милошоски истакна дека системот „Безбеден град“ веќе дава позитивни резултати и е во процес на проширување во повеќе градови и општини, при што се очекува намалување на бројот на жртви и подобрување на целокупната безбедност во сообраќајот.
Закоњшек одговараше и на прашања од членовите на Комисијата за европски прашања за активностите за надминување на проблемот со престојот на професионалните возачи во шенген-зоната, како и застоите на границите по воведувањето на новиот систем за влез-излез во/од Европската Унија.