Израелски ракетен удар остави најмалку 90 мртви во северна Газа

Меѓу загинатите има многу жени и деца. Болниците веќе не можат да им помогнат на ранетите, затоа што системот е распаднат


Зградите што беа погодени од израелските ракети

 

Голем број Палестинци, вклучително и многу жени и деца се убиени во израелски воздушен напад врз преполна станбена зграда во градот Беит Лахија во северниот дел на Газа.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека бројот на загинати е најмалку 90, додека работниците за итна помош копаа низ урнатините во потрага по мртви и повредени во вторникот наутро. Многумина од присутните во моментот на нападот беа членови на поширокото семејство Абу Наср.

Северна Газа е во фокусот на обновените тешки напади од страна на Израел во изминатите три недели, насочени кон, како што вели, џебовите на милитантите на Хамас кои се прегрупирале таму. Насилството и израелските наредби за евакуација раселеа голем број Палестинци, иако останаа околу 100.000 луѓе.

Меѓу загинатите има мајка и нејзините пет деца, некои од нив возрасни, и втора мајка со нејзините шест деца, според првичниот список на жртви обезбедени од службите за итни случаи.

Видео снимката објавена на социјалните мрежи покажува тела завиткани во теписи и ќебиња на земја надвор од зградата, додека звукот на израелските дронови се слушаше над локацијата.

„Има десетици маченици“, рече Исмаил Уаида, очевидец кој помагаше да се извлечат телата. „Десетици раселени луѓе живееја во оваа куќа. Куќата била бомбардирана без претходно предупредување. Како што можете да видите, мачениците се тука и таму, со делови од телото закачени на ѕидовите“.

Раби ал Шандагли (30), кој се засолни во блиското училиште, изјави за агенцијата Франс прес: „Експлозијата се случи ноќе и прво помислив дека е гранатирање, но кога излегов по изгрејсонце видов луѓе како влечат тела, екстремитети и ранетите од под урнатините. Повеќето од жртвите се жени и деца, а луѓето се обидуваат да ги спасат повредените, но нема болници или соодветна медицинска помош“.

Д-р Хусам Абу Сафија, директорот на блиската болница Камал Адван, каде што голем број медицински лица беа приведени за време на рацијата на израелските трупи минатата недела, рече дека десетици ранети лица пристигнале во преплавената установа. Тој апелираше до хирурзите на кои Израел им нареди да се евакуираат да се вратат за да ги лекуваат повредените.

„Не остана ништо во болницата Камал Адван освен материјали за прва помош“, рече Сафија во говорната порака до новинарите во вторникот. „Здравствениот систем целосно се распадна. Тој рече дека луѓето кои пристигнуваат ранети умираат бидејќи нема грижа за нив“.

Израелските одбранбени сили соопштија дека ги разгледуваат извештаите за тоа што се случило во зградата.

Израелската војска во последниве месеци постојано напаѓаше засолништа за раселените лица, велејќи дека извршила прецизни напади насочени кон палестинските милитанти и се обидела да избегне да им наштети на цивилите. Во нападите често се убиени жени и деца.

Војската соопшти дека привела голем број осомничени милитанти на Хамас во рацијата на болницата Камал Адван, најновата во серијата рации во болниците од почетокот на војната. (Според агенциите)