Израел се одмаздува на Шпанија „преку грбот на Палестинците“: Ги избрка од меѓународниот центар за мониторинг во Газа


Израел одлучи да ја исклучи Шпанија од Цивилно-воениот координативен центар (CMCC) во градот Кирјат Гат, тврдејќи дека властите во Мадрид покажуваат „јасна пристрасност кон Израел“.

Оваа одлука ја објави во петок министерот за надворешни работи Гидеон Саар, во координација со премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Израелското Министерство за надворешни работи изјави дека одлуката е донесена „во контекст на антиизраелската опсесија на шпанската влада предводена од Педро Санчез и сериозното кршење на интересите на Израел, но и на Соединетите Американски Држави“.

Израелските власти потврдија дека е испратено формално известување до Шпанија, додека Соединетите Американски Држави биле однапред информирани за овој потег.

Саар рече дека Шпанија повеќе не може да игра конструктивна улога во рамките на CMCC, нагласувајќи дека „владата на Санчез ја изгубила сета способност да биде корисен фактор во спроведувањето на мировниот план на претседателот Доналд Трамп, како и во работата на самиот центар“.

Одлуката доаѓа во време кога Шпанија ги засили критиките кон воените операции на Израел во Либан и поширокиот конфликт со Иран. Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, го опиша конфликтот како „најголем напад врз цивилизацијата изградена врз хуманистичките идеали за разум, мир, разбирање и универзалното право против злоупотреба на моќ и сила“, обвинувајќи го Израел за кршење на меѓународното право и неодамна постигнатото примирје.

Премиерот Санчез, исто така, презеде дополнителни мерки, вклучително и затворање на шпанскиот воздушен простор за авиони поврзани со конфликтот и повикување на Европската Унија да го суспендира договорот за асоцијација со Израел. Во објава на социјалната мрежа X, тој рече дека „непочитувањето на животот и меѓународното право од страна на Нетанјаху е неприфатливо“.

Тензиите се проширија и на односите со Вашингтон. Противставувањето на Мадрид на конфликтот со Иран дополнително ги затегна односите со администрацијата на претседателот Трамп, додека некои американски политичари повикаа на воведување мерки против Шпанија. Во исто време, Мадрид ги отфрли барањата на САД за зголемување на трошоците за одбрана, што дополнително ги комплицира односите во рамките на НАТО алијансата.

Цивилно-воениот координативен центар (CMCC) во Кирјат Гат е еден од најважните центри за меѓународна политика и хуманитарни операции поврзани со Појасот Газа.

Иако се наоѓа во Израел (околу 35 км од границата со Газа), вработува стотици експерти од над 50 земји и меѓународни организации.