Израел ја одложи копнената офанзива
Израел одлучи да ја одложи копнената војна во Газа во очекување на пристигнувањето на дополнителни американски сили во регионот, објави израелското армиско радио.
„САД му ја пренесоа на Израел својата намера да распореди дополнителни американски сили на Блискиот исток, подготвени за копнена операција поради загриженоста за ескалација на иранските напади врз нивните сили во регионот“, се вели во извештајот.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека Соединетите американски држави „очекуваат ескалација на војната меѓу Израел и Хамас поради вмешаноста на ирански полномошници“.
„Израелските власти нагласуваат дека тоа не е единствената причина за одложување на операцијата, има и други фактори во игра, како што е зајакнувањето на оперативната подготвеност на силите, како и барањето решение за прашањето на заробениците и потенцијалот за дополнителни договори за нивно ослободување“, изјави Блинкен.
Додека Израел веќе неколку дена навестува можност за копнена операција во Газа, израелската армија продолжува со немилосрдните воздушни напади врз Појасот Газа.
Шефот за хуманитарна помош на ОН Мартин Грифитс изјави дека вториот конвој камиони со хуманитарна помош за Газа влегол во палестинската енклава. Станува збор за 14 камиони кои влегоа во Газа еден ден откако првите 20 камиони со помош ја преминаа границата Рафах меѓу Египет и Газа. Грифитс на мрежата „Х“ напиша: „Уште една мала трошка надеж за милиони на кои очајно им е потребна хуманитарна помош“.