Иванов доби пензија, аболиција не потпиш(ув)а


Фото: Б. Грданоски

На два дена пред истекувањето на мандатот, Ѓорге Иванов ги побара бенефициите што му следуваат како поранешен шеф на државата. Веднаш доби позитивен одговор од владината Служба за општи и заеднички работи, со што професорот Иванов (59) нема да се врати на Правниот факултет, туку до крајот на животот ќе користи месечна пензија од 100.000 денари (колку што му беше и платата), личен возач и лично обезбедување. Покрај тоа, државата ќе му закупи канцеларија во кулите „Џеваир“ во населбата Аеродром и ќе му плаќа најмногу тројца соработници. Годишниот буџет за пензионираниот претседател ќе изнесува 165 илјади евра.
В недела Иванов ќе мора да ја напушти вилата на Водно и да му ја отстапи на новоизбраниот претседател Стево Пендаровски. Со барањето за доживотна пензија, досегашниот татко на нацијата одговори барем на едно од двете прашања што го оптоваруваа завршувањето на неговиот втор мандат како претседател. Дали ќе им даде помилување на осудените за собраниските насилства на 27 април 2017 година, е дилемата што и натаму ја бранува јавноста.


Иако високи извори од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека Иванов не планирал да потпише таков указ, медиумите блиски до поранешниот премиер Никола Груевски и вчера го „советуваа“ претседателот да им даде аболиција на осудените. Според нив, Иванов бил заплашен и уценет, поради што „ќе ги остави на цедило сите луѓе кои се под политички прогон“.
„Нова власт, нова политика. Тоа е девизата на плашливите луѓе без храброст.
Законите со новото име не ги потпишува, ама плата си зема од Министерството за финансии на Северна Македонија, а и барањето за канцеларија, возачи, вработени, коли и слично сигурно не е до СОЗР на РМ, туку на Северна Македонија. И идните плати и привилегии се од Северна. Последна шанса колку-толку со исправена глава да замине му беше ослободувањето на прогонетите од хунтата на Заев. Калкулираше, молчеше, бегаше и на крајот пак се исплаши и не потпиша.
Велат, се спогодил за себе. Да не го гонат него. Еден ден ќе дознаеме за што требало да го гонат и што има сторено за така да се плаши за да направи вакви чекори. Лош крај, господине Иванов. Многу лош крај. Како ли ќе спиете мирно со овој багаж, со оваа вина, со овој грев?“ пукаат синхронизирано овие медиуми.
За само неколку месеци, од јунак на целата десница со непотпишувањето на Законот за јазици и договорот за името, за тврдокорните патриоти Иванов се претвори во „соработник на хунтата“, при што не се бираат зборови во нападите врз него.


Правната фела недвосмислено му укажуваше на Иванов дека нема право да ги помилува осудените од 27 април, исто како што немаше право тоа да го направи и пред три години, а го направи. И според Владата, постапката може да се води единствено преку Министерството за правда, бидејќи е избришан членот 11 од Законот за помилување, кое му даваше таква можност на претседателот. Овој член подоцна беше укинат од Уставниот суд во 2016 година, но не беше „оживеан“ во Собранието со двотретинско мнозинство.
„Одредбата од членот 11 од Законот за помилување останува надвор од правна сила, бидејќи е избришан во 2009 година и како таква не може да произведе правна последица. Тоа значи дека претседателот нема право да помилува без правна постапка и дека сите постапки за помилување мора да поминат преку Министерството за правда“, смета професорката Беса Арифи.
Дури и нејзината колешка, Гордана Силјановска-Давкова, која беше кандидат за претседател поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и која по номинацијата првото кафе го испи со Иванов, го критикуваше за помилувањето во 2016 година што предизвика бурни протести во Скопје.
„Претседателот се повика на своето уставно право, на последната алинеја од тој член дека има право да помилува согласно со Уставот и закон. Меѓутоа, да помилувате одеднаш 56 лица, притоа сосема различни – за некои дури и непочната постапка, за некои почната, трети сведоци… во еден момент, во еден чин, тоа значи да направите под превезот на помилувањето – амнестија. Претседателот не е надлежен никаде, па ни во Македонија за амнестија, туку само Собранието, што значи дека има судир на надлежности. Ако е нашето Собрание доблесно, тогаш тоа ќе покрене постапка пред Уставниот суд, со аргументација дека тоа што Собранието може да го направи, го направил претседателот. Има уште една можност – поединечни субјекти да покренат постапка со образложение дека нивните права се повредени“, изјави тогаш Силјановска.

Горан Адамовски