Италијанскиот премиер се закани со оставка доколку партиите од владејачката коалиција не се смират
Италијанскиот премиер Џузепе Конте ги предупреди денеска партиите од владејачката коалиција дека ќе поднесе оставка ако не стават крај на меѓусебните несогласувања, што би ја одвело Италија во предвремени парламентарни избори.
Конте свика прес конференција за да упати ултиматум до Лигата на вицепремиерот Матео Салвини и на Движењето пет ѕвезди на Луиџи ди Мајо, исто така заменик-премиер, по нивните неколкумесечни расправии.
-Ако не ги преземат јасно одговорностите како што барам, ќе поднесам оставка, рече Конте.
Лигата и Движењето пет ѕвезди не се согласуваат сега речиси за ниту една од тековните теми – почнувајќи од инфраструктурата и имиграцијата до прашањето за историското значење на државните празници. Нивната нетолеранција беше зајакната по изборите во Европскиот парламент, каде што Лигата освои 34 отсто од гласовите во Италија.
Конте предупреди дека владата ја чека сложениот процес на буџетот за 2020 година наесен и дека на земјата и е потребна довербата на финансиските пазари.