Истражување: Притисокот на Бугарија врз Македонија бил контрапродуктивен


Притисокот на Софија врз Скопје е контрапродуктивен, покажува бугарска студија. Говорот на омраза кон Бугарија кој се појави во македонските медиуми е резултат на ветото за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, заклучуваат од софиската Фондација за хуманитарни и социјални истражувања. Притисокот на Бугарија врз Северна Македонија за прашањата за идентитетот и јазикот не го запрел „македонизмот“, туку го засилил и го раширил неговото влијание, се наведува понатаму, пренесува „Дојче Веле“.  

Истражувањето на Фондацијата било спроведено за периодот од 2019 до 2021 година и опфаќало над 100 македонски интернет-страници и блогови, а заклучоците, во интервју за порталот Медиапул, ги претстави еден од авторите, професорот по филозофија на Новиот бугарски универзитет Димитар Вацов. Тој објаснува дека за разлика од 2019 која ја оценува како „многу мирна година“ со бројни алтернативни гледишта за спорот со Бугарија, состојбата ескалирала во 2020. 

„Во 2019 година во македонските медиуми нема популизам, како што беше тогаш случај во Бугарија, но по септември 2020 година, амбиентот нагло се влоши и во моментов е „застрашувачки“, оценува Вацов. 

„За разлика од 2019 година, во моментов македонските медиуми се ужасни бидејќи нема алтернативни гледишта. Какви и да биле идеалите на бугарскиот притисок, резултатите се апсолутно контрапродуктивни. Во моментов во македонските медиуми не може слободно да се зборува за идентитетски прашања. По овој притисок, македонската јавност е апсолутно фрустрирана и инкапсулирана“, вели професор Вацов за Медиапул.